Утрински Весник
Македонија

Клингбеил: Северна Македонија треба да се приклучи кон ЕУ, клучно е да се фокусираме на растот и просперитетот

Претседателот на Социјалдемократската партија на Германија Ларс Клингбеил потенцираше дека постои добра соработка меѓу Северна Македонија и Германија. Тој потврди дека ставот на Германија е Северна Македонија и земјите од Западен Балкан да се приклучат кон ЕУ. Како што рече, ЕУ треба да стане силна и стабилна, особено во услови на судирот меѓу Русија и Украина.

Според Клингбеил, Северна Македонија добро си ја завршува работата во делот на приклучувањето кон ЕУ.

-Соработката меѓу Германија и Северна Македонија е добра. Знам дека постои добра соработка меѓу канцеларот Олаф Шолц и Димитар Ковачевски. Сакаме Северна Македонија и земјите од Западен Балкан да се приклучат кон ЕУ. Ова е клучно за да се фокусираме на просперитетот, на растот, на креирање на нови работни места, посочи денеска Клингбеил на заедничка прес-конференција со претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски.

Клингбеил, кој е во официјална посета на државата, вчера учествуваше на панел дискусијата „Прогресивни политики – одговор на предизвиците на земјите од Западен Балкан“ во организација на Фондацијата Фридрих Еберт во Скопје.

Во однос на панел дискусијата, тој посочи дека присуствувал на плодна дебата и оти е тука за да ја зајакне соработката меѓу партиите.

-Имавме дебата, која што беше фокусирана на две точки – првата точка е како да ја зајакнеме соработката на партиите тука во регионот со Германија и да најдеме добри решенија. Имав јасен став дека треба да се собираме почесто и да разговараме за иднина на земјите. Втората дебата е прашањето за процесот на проширување на ЕУ, додаде Клингбеил.

Тој рече дека од германска страна дал јасна изјава оти сметаат дека треба да се искористи просторот за можноста за проширување на Европа и дека сакаат да се преземат следните чекори во процесот на пристапување на земјите од Западен Балкан.

Ковачевски на заедничката прес-конференција со Клингбеил рече дека ЕУ и е потребна на Северна Македонија, но исто така, ние сме ѝ потребни на Европската Унија.

-Европа може да е стабилна и да е безбедна, само ако е целосна и обединета. Социјалдемократските политики им се потребни на граѓаните и на државата. Тие значат европски животен стандард дома, значат пристап до европскиот пазар, значат продолжување по европскиот пат кој носи прогрес. Европската Унија и е потребна на Северна Македонија. Но исто така, ние сме ѝ потребни на Европската Унија. Европа може да е стабилна и да е безбедна, само ако е целосна и обединета, рече Ковачевски

Според Ковачевски, колективна одговорност на прогресивните, социјалдемократски сили во нашата држава, регионот но и во Европа, е да работат заедно за посилна и пообединета Европа.

-Затоа ова е исклучително важен момент во македонската историја. Ние имаме единствена шанса која не смееме да ја пропуштиме, затоа што пропуштањето ќе значи повторно мрак за државата, застој и уназадување на сето она што е постигнато досега, значи целосна изолација, со последици далеку посериозни од претходната декада режим, додаде Ковачевски.

Можете да прочитате

Битиќи до Славески: Оваа Влада го зголеми стандардот на нашите сограѓани за точно 10 процентни поени

Тошковски: Однесувањето на премиерот Џафери спрема вработените во МВР е недозволиво

Османи, Ванковска и Димитриевски надминаа над 1.000 собрани потписи