Утрински Весник
Македонија

Клековски најави вработување на 300 специјализанти – Предност за болниците во внатрешноста

759596270 1381063543989771 7314504461109477980 n.jpg

Владата донесе одлука повторно да го отвори процесот за вработување на преостанатите 300 специјализанти, кои беа опфатени со претходната одлука за вкупно 600 вработувања во јавниот здравствен систем. Процесот треба да заврши до крајот на годинава, соопшти министерот за здравство Сашо Клековски.

Тој на денешната прес-конференција посочи дека станува збор за продолжување на процесот започнат со владина одлука од 2024 година, чија реализација доцнела. Од предвидените 600 специјализанти досега биле вработени 300, додека останатите 300 останале надвор од проектот.

„Се вработија 300 специјализанти, а 300 останаа надвор од проектот. На вчерашната седница се донесе одлука повторно да се отвори процесот и тие 300 специјализанти што не беа вработени да се вработат до крајот на годинава“, изјави Клековски.

Министерството за здравство планира повторно да објави повик за изразување интерес, бидејќи од претходниот повик поминал подолг период и во меѓувреме дел од специјализантите веќе го решиле својот работен статус.

Според информациите со кои располага Министерството, околу 30 од преостанатите 300 специјализанти во меѓувреме се вработиле по редовен пат.

Клековски најави дека при распределбата приоритет ќе имаат општите и клиничките болници надвор од Скопје, како и медицинските специјалности во кои има недостиг од кадар.

„Сакаме да видиме кој е интересот на специјализантите. Апсолутен приоритет ќе бидат општите и клиничките болници надвор од Скопје, како и специјализантите кај кои има дефицит на кадар“, рече министерот.

Очекувањата се дека со вработувањето на дополнителните специјализанти ќе се подобри достапноста на специјалистички здравствени услуги, особено во болниците во внатрешноста на државата каде што недостигот од медицински кадар е еден од поголемите предизвици.

Одлуката за вработување на вкупно 600 приватни специјализанти беше најавена во јули 2024 година. Тогаш беше предвидено 300 да бидат вработени до крајот на 2024 година, а уште 300 за потребите на јавните здравствени установи до крајот на 2025 година.

По застојот во реализацијата, Владата сега го откочува процесот за преостанатите специјализанти, а според најавата на Клековски, нивното вработување треба да биде завршено до крајот на годинава.

Можете да прочитате

Божиновска–Варнс: Потврдено силното партнерство со САД, енергетската независност е клуч за стабилна и просперитетна држава

Собранието ја избра Мери Дика Георгиевска за уставен судија

Вчера Судот му го врати пасошот, денес Марковски задржан на „Табановце“