Утрински Весник
Свет

Трамп жестоко му се закани на Иран по нападот врз американските сили

20260729163307 big 730x400 56.webp.webp

Американскиот претседател Доналд Трамп денеска се закани дека ќе возврати на новите ирански ракетни напади врз американските сили на Блискиот Исток.

– Ќе ги претепаме … Ќе ги удриме силно. Ги чека сериозен ќотек – изјави Трамп за „Фокс Њуз“.

Во текот на повеќемесечниот конфликт, Трамп повеќе пати му се закануваше на Иран со жестока воена акција, иако неговата реторика не беше секогаш проследена со воени напади, пренесува ДПА.

Централната команда на САД (CENTCOM) вчера соопшти дека Иран лансирал неколку балистички ракети насочени кон американските сили на Блискиот Исток. Војската не прецизираше кои бази биле мета.

Центком во соопштение објавено на социјалните мрежи наведе дека сите ракети биле успешно пресретнати.

Трамп, во интервјуто за „Фокс Њуз“, рече дека американските сили имале само неколку минути за да одговорат на ненадејниот напад.

Иранските државни медиуми подоцна емитуваа соопштение од Исламската револуционерна гарда во кое се наведува дека мета на нападот била американска воена база во Јордан. Вооружените сили на Јордан соопштија дека пресретнале пет ракети лансирани од Иран.

Во дополнителна ескалација, американските сили соопштија дека во текот на ноќта извршиле заеднички напади со Саудиска Арабија врз милитанти во Ирак кои ги опишаа како сојузници на Иран.

Според Центком, американските и саудиските борбени авиони нападнале неколку логистички складишта и магацини за оружје што ѝ припаѓаат на неименувана вооружена група во источен Ирак.

Министерството за одбрана на Саудиска Арабија соопшти дека заедничката операција била насочена кон позиции на милицијата во Ирак кои претходно биле користени за лансирање напади врз саудиски нафтени капацитети.

Трамп ги опиша милициите како „рак“ и, според „Фокс Њуз“, во телефонското интервју изјави дека воената операција била координирана со ирачката влада.

Можете да прочитате

Германија ја зафаќа топлотен бран со температури до 39 степени

Бројот на жртви од земјотресот во Јапонија се зголеми на 18

Застрелан директор на руска компанија за производство на дронови во Тула