Утрински Весник
Македонија

Клековски: И натаму има 250 до 300 нови случаи дневно во Гостивар, анализите на водата готови утре

Img 9815.jpeg

Трендот на новопријавени случаи со стомачни тегоби во Гостивар не опаѓа, а дневно се регистрираат меѓу 250 и 300 нови пациенти, изјави министерот за здравство Сашко Клековски. Според него, бројот на заболени останува висок и во последните 24 часа, додека резултатите од анализите на водата се очекуваат утре.

„Вчера имаше околу 100 прегледи на Детското одделение и 160 на Инфективното одделение. Денеска бројката е слична на Детското одделение, а на Инфективното има околу 200 пациенти“, изјави Клековски.


Тој информираше дека денеска официјално е прогласена епидемија, но посочи дека здравствените власти ги спроведувале сите неопходни мерки уште пред нејзиното формално прогласување.

Министерот нагласи дека клиничката слика кај најголемиот број пациенти е лесна и најчесто се манифестира со дијареја, повраќање и дехидратација. По примањето инфузија и соодветна симптоматска терапија, пациентите најчесто се пуштаат на домашно лекување, додека само мал број се задржуваат во болница.

„Станува збор за лесна клиничка слика. Најголемиот дел од пациентите по рехидратацијата се испуштаат дома. Задржани се само неколку пациенти, најчесто повозрасни лица со други здравствени состојби“, рече Клековски.

Во гостиварската болница, додаде тој, има доволно лекови и медицински персонал, а потребите се покриваат и со ротација на лекари од другите оддели.

Паралелно се спроведуваат лабораториски испитувања и епидемиолошки анкети со пациентите, кои треба да помогнат во утврдувањето на точниот извор на заразата. Министерот потенцираше дека не треба да се носат избрзани заклучоци дали причината е водата или некој друг фактор.

„Мораме да ги разгледаме сите можности. Има заболени од различни населени места, меѓу кои и од средини што користат други водоводни системи. Затоа е важно да се направат детални епидемиолошки анкети“, истакна тој.

Клековски посочи дека, врз основа на досегашните податоци, алиментарна инфекција поврзана со храна е исклучена како можна причина за масовното заболување.

Резултатите од анализите на водата, кои Институтот за јавно здравје ги изработува по барање на Јавното обвинителство, се очекуваат утре, а нивното официјално соопштување ќе го направи Обвинителството.

Во меѓувреме, останува во сила препораката водата од гостиварскиот водовод да не се користи за пиење, а сомнителните пумпи се исклучени од употреба веднаш по констатирањето на проблемот.

Министерот порача дека случајот не смее да биде предмет на политички препукувања и дека институциите ќе излезат со конкретни заклучоци дури по завршувањето на сите истраги.

Можете да прочитате

Досега 3.100 затруени во Гостивар, останува забраната за користење на водата

Шасивари: Продолжуваме со силно партнерство со САД за владеење на правото и борба против корупцијата

Пензијата започнува многу пред пензионирањето