Утрински Весник
Македонија

Кичевски обвинува дека Град Скопје е пред банкрот, градоначалничката Арсовска демантира и се закани со тужба

Кичевски обвинува дека Град Скопје е пред банкрот, градоначалничката Арсовска демантира и се закани со тужба

Хаосот во Град Скопје од ден на ден е се поголем, а виновници за таквата состојба се градоначалничката Данела Арсовска и ВМРО-ДПМНЕ, партијата што има мнозинство во Советот и во управните одбори на градските јавни претпријатија. Поради нивната неспособност, Град Скопје е со блокирана сметка и се наоѓа пред банкрот, рече на денешната прес конференција Васко Кичевски, претседател на Градска Организација СДСМ – Скопје.

dobivaj vesti na viber

Кичевски вели дека ВМРО-ДПМНЕ го игнорира овој проблем и не закажува вонредна седница на Советот, а дека „банкротот што доаѓа ќе значи и целосен распад на градот“.

– Многу извесно е дека во текот на летото ќе видиме како дел од јавните претпријатија доцнат со исплата на платите, а дел од нив воопшто нема да можат да исплатат плати на своите вработени. Градот Скопје и институциите во негова надлежност веќе доцнат со исплати кон добавувачите, но се очекува ситуацијата целосно да излезе од контрола и да следуваат низа тужби сѐ со цел да си ги наплатат средствата што јавните претпријатија ги должат. Како последица од сето тоа ќе бидеме сведоци на се полоши услуги што овие јавни претпријатија ги даваат, градот ќе станува се позапустен и понечист, – рече Кичевски.

Демант веднаш пристигна од кабинетот на градоначалничката Данела Арсовска.

– Градот Скопје ниту е блокиран ниту е во банкрот. Редовно се сервисираат тековните обврски, а без пречка се реализираат сите проекти. Градот Скопје е единствена институција во Македонија која работи со позитивни резултати и покрај политичките и институционалните обврски. Меѓу останатото сме единствена институција која прва линеарно ги зголеми платите, се вели во демантот.

Од кабинетот на Арсовска велат Кичевски да се извини во законскиот рок и да го повлече кажаното, во спротивно вистината ќе треба да ја докаже на суд.

 

 

Можете да прочитате

Приведено и трето лице за убиството на докоторот пред поликлиниката во Железара

Тројца полициски службеници за несовесно работење во службата заработија кривични пријави 

Кривична пријава заработи лице кое заградило државно замјиште кај Бит Пазар и си наплаќал „арач“