Утрински Весник
Култура

Керамикум во мермер од Емил Солески, во неолитскиот локалитет „Заливот на коските“ во Охрид

Керамикум во мермер од Емил Солески, во неолитскиот локалитет „Заливот на коските“ во Охрид

Во Сабота на 24.09 2022 во 11:00 часот, во просторот на Неолитскиот локалитет Заливот на коските, во Охрид ќе се одржи презентација на проектот Керамикум во мермер од Емил Солески.

dobivaj vesti na viber

Овој мултимедијален проект ја има во фокус куќата-ЖЕЛБЕНИК како трансцедентен објект на субјективното доживување.

ЖЕЛБЕНИЦИТЕ се создавани во едно време, невреме….кога почнав да фантазирам за едно време, а можеби и невреме, можеби, велам оти е изгубена од хоризонтот, но никако изгубена од видокругот на археолозите.

Керамикум…Неолит…Младо камено време, време на куќата како место во кое се концентрира и генерира нуклеусот на едно семејство и претставува центар во кој се дефинираат бројни вредности, тенденции и принципи.

-Филм „ЖЕЛБЕНИЦИ“ е визуелна прошетка во неолитските локалитети, Врбјанска чука, Залив на коските, Велушка тумба, Церје, Барутница, дополнета со инсценирана уметничка инсталација и музика.

Во фокусот се „желбеници“, скулптурално-архитектонски објекти, рачно изработени од мермер од прилепското поднебје (различни по боја, текстура, чистина и визуелно-технички карактеристики). Желбениците имаат перфорација со различен облик (кружен, квадратен, рачваст), инспирирани од култните предмети од неолитот. Текстурата на желбениците се развива од природна до случајно-намерна интервенција, и го прикажува големиот временски распон на влијанија врз каменот. На желбениците релјефно се прикажани „мнемонички декорации“, едноставни линеарни прикази на трите основни елементи: земја, вода, сонце, и други симболи, праписмо, „решки“ кои од одреден агол се претвораат во антропоморфни петроглифски прикази.

-Изложбата ќе содржи вкупно 28 желбеници. Пет групи по пет „желбеници“, кои инсценираат неолитски села, ќе бидат поставени кружно околу група од три желбеници што симболизираат земја, вода, сонце.

Секоја група ќе биде дифузно осветлена со помош на керамички кошари. Тие се изработени од глина, сушени, а потоа печени на висока температура, за да ја променат структурата во керамика. Кошарите го симболизираат огништето каде што се одвиваат сите активности во домот. Структурата од кошарите, и пламенот во нив, создава светлосни ефекти на треперење кои се пренесуваат врз желбениците.

Меѓусебно, овие пет групи, ќе бидат поврзани со патеки направени од коноп. Конопот како материјал, и неговата природната текстура, ја дополнува инсценацијата на поставката и ги доловува природните услови кои биле предуслов за развој на неолитската култура. Патеките прикажуваат поврзување на населбите, што многу веројатно неолитската култура ги создавала со цел комуникација и размена на добра.

Проектот го третира македонскиот неолит како тема која е потребно, со актуелизирање, да ја збогати мапата на туристичка понуда, како дел од богатото културно-историско наследство на нашата земја.

Можете да прочитате

Се заострува режимот за градби во старото градско јадро на Охрид 

Костадиновска-Стојчевска: Со отворена соработка со УНЕСКО и заеднички активности ќе го штитиме природното и културното наследство во Охрид

19 романи избрани во првата селекција за наградата „Роман на годината“