Утрински Весник
Свет

Израелската делегација ги напушти преговорите во Каиро поради несогласување со Нетанјаху

20240804150927 Big 730x400 84.webp.webp

Израелска преговарачка делегација го напушти Каиро и се врати во Тел Авив веднаш по вчерашното пристигнување, каде требаше да ги продолжи разговорите за договорот за размена на заложници со палестинските групи, пренесува Анадолија.

Делегацијата, составена од шефот на разузнавачката агенција Мосад, Дејвид Барнеа, шефот на безбедносната агенција Шин Бет, Ронен Бар и владиниот координатор за операции на палестинските територии, Гасан Алијан, се врати во Тел Авив поради несогласувања со премиерот Бенјамин Нетанјаху, објави весникот „Једиот Ахронот”.

Од канцеларијата на Нетанјаху сè уште не се огласиле за ова прашање.

„Одењето на израелската делегација во Каиро е резултат на силниот американски притисок врз Израел и Египет последните денови да ги продолжат преговорите за договорот за заложници и покрај атентатот на политичкиот лидер на Хамас, Исмаил Ханија”, објави израелскиот новински портал “Вала”, повикувајќи се на неименувани извори.

Високи израелски официјални лица, меѓу кои и министерот за одбрана Јоав Галант и началникот на Генералштабот на Израелските одбранбени сили (ИДФ) Херзи Халеви, вчера го предупредиле премиерот Бенјамин Нетанјаху дека неговото инсистирање на нови услови ќе го саботира договорот за примирје и ослободување на заложниците, што го поттикнало премиерот да тврди дека Хамас, а не тој, воведува нови барања.

Канал 12 ги цитираше и Халеви и Галант како го обвинуваат Нетанјаху дека е добро свесен дека новите услови што ги бара, а кои наводно се вклучени во ажурираниот израелски предлог, ќе го уништат договорот.

Новиот предлог наводно бара воведување на механизам за инспекција за да се обезбеди дека борците нема да можат да се движат кон северот на Појасот Газа; Израел да остане на границата меѓу Газа и Египет, позната како коридор Филаделфи, во првата фаза од договорот; и инсистирањето на Израел да добие листа на сите живи заложници што Хамас ќе ги ослободи како дел од договорот. Ниту едно од тие барања не се појави во израелскиот предлог поднесен на 27 мај, кој потоа јавно го соопшти американскиот претседател Џо Бајден, а на кој тогаш и е жестоко се противеа крајно десничарските сојузници на премиерот, пренесува „Тајмс оф Израел“.

„Нема безбедносна причина да се одложи договорот. Бидејќи зборуваме отворено, ви кажувам дека вашите ставови не се корисни за ова прашање“, го цитираше Галант Нетанјаху за време на средба на највисоко ниво одржана во средата навечер. „Во врска со Филаделфи, не препорачувам да го претвориме тоа во пречка или нешто што ќе не спречи да вратиме (од Газа) 30 луѓе во првата фаза (од договорот), половина од нив жени“, додаде Халеви.

Како одговор, Канал 12 цитираше „висок извор“ — мрежата алудираше дека станува збор за самиот Нетанјаху — обвинувајќи ги неговите критичари дека дејствуваат од политички мотиви. Нетанјаху минатиот месец додаде неколку „непогазливи“ барања во предлогот за договор за заложници, вклучувајќи израелска контрола над таканаречениот коридор Филаделфи долж границата на Газа со Египет и коридорот Нетзарим, кој моментално го дели Појасот на две. Коридорите Нетзарим и Филаделфи не се наведени како локации каде што ќе биде дозволено да останат израелските трупи, според текстот на израелскиот предлог од мај, кој е објавен во целост од „Тајмс оф Израел“.

Всушност, документот повикува на „повлекување на израелските сили кон исток подалеку од густо населените подрачја долж границите во сите подрачја на Појасот Газа, вклучувајќи ја и Долината на Газа“.

Во меѓувреме, Канал 13 вчера објави дека Соединетите Американски Држави испратиле гневни пораки дека Израел „се повлекол“ од договорот што самиот го предложил. Мрежата цитираше неименувани египетски извори кои рекоа дека атентатот на Ханија ги замрзнал разговорите, но нема да ги одложи за долго.

„Протекувањата и лажните брифинзи од непознати страни во медиумите создаваат лажна претстава за јавноста“, соопшти Кабинетот на израелскиот премиер за јавниот радиодифузер Кан, откако објави дека шефот на Шин Бет, Ронен Бар, го обвинил премиерот дека „прави промени“ во израелскиот предлог среде преговори.

Според Кан, членовите на преговарачкиот тим понатаму му рекле на Нетанјаху дека неговата позиција во врска со коридорот Нетзарим ќе го „уништи договорот“ и дека „одобривме предлог кој поинаку се однесува кон коридорот.“

„Додека премиерот Нетанјаху се согласи на нацртот, Хамас се обидува да воведе десетици промени кои ефективно го поништуваат“, одговори Канцеларијата на премиерот — тврдејќи дека тој „не додал ништо на нацртот и продолжува да се придржува кон основните услови за безбедноста на Израел.“ „Кој и да нуди да ги прифати барањата на Хамас за да добие аплаузи во [телевизиските] студиа ги оштетува шансите за ослободување на заложниците и не враќа во реалноста на општествените раздори од 6 октомври“, тврдеше Канцеларијата на израелскиот премиер.

Според извештајот на Канал 12 за состанокот на највисоко ниво во средата вечерта, израелските безбедносни шефови наводно го повикале Нетанјаху да го искористи моментумот создаден од неодамнешните напади на високи функционери на Хамас и Хезболах за да ја искористи можноста за договор за заложници-примирје со Хамас.

Состанокот се одржа по израелскиот напад во Бејрут што го уби командантот на Хезболах Фуад Шукр во вторникот вечерта и по убиството на шефот на Хамас Исмаил Ханија во Техеран рано во средата утрото; Израел не ја презеде ниту ја негираше одговорноста за тој напад.

Додека шефот на Мосад, Дејвид Барнеа, кој ги води израелските преговори за договор, наводно рекол на состанокот дека постои подготвен договор и дека Израел мора да го прифати, Нетанјаху ги прекорил своите безбедносни шефови, удирајќи по масата и кажувајќи им дека се лоши преговарачи — тврдење кое подоцна го негираше Канцеларијата на премиерот.

„Вие сте слаби. Не знаете како да водите тешки преговори. Ми ставате зборови во устата. Наместо да го притискате премиерот, притиснете го шефот на Хамас во Газа Синвар“, наводно викал Нетанјаху. Говорејќи на главната вечерна емисија на Кан во петокот вечерта, политичката дописничка на Walla News, Тал Шалев, објави дека Нетанјаху планирал да го отпушти Галант кога ќе се врати од својата посета на САД, но отказот бил одложен поради смртоносниот напад на Хезболах во Мајдал Шамс и убиството на двајца терористички шефови оваа недела.

Таа додаде дека извори во кругот на Нетанјаху рекле дека по заменувањето на Галант, премиерот планира да го отпушти и началникот на ИДФ, Халеви, и шефот на Шин Бет, Бар, за да ги елиминира критиките за начинот на кој ги води преговорите за враќање на заложниците заробени од Хамас на 7 октомври и обвинувања дека ризикува да го саботира договорот.

Серијата извештаи за несогласувањата на безбедносните шефови со Нетанјаху дојде во време кога висока израелска делегација отпатува вчера во Каиро заради индиректни разговори со американските и египетските преговарачи, но се врати истиот ден.

Израелските медиуми објавија дека шефот на Мосад, Барнеа, шефот на безбедносната агенција Шин Бет, Бар и генерал-мајор Гасан Алиан, шеф на Координаторот на владините активности во териториите (КОГАТ), одржале состаноци во Каиро со шефот на египетската разузнавачка служба Абас Камел и високи египетски воени официјални лица.

Според неколку медиумски извештаи, состанокот не донел напредок. Израелски извор беше цитиран од дневниот весник „Хаарец“ велејќи дека разговорите не донеле резултати и дека „самото заминување на делегацијата во Египет во овие околности е единствената добра вест.“

По вчерашните разговори, лидерот на опозицијата Јаир Лапид го обвини Нетанјаху дека „продолжува да го одложува договорот за враќање на заложниците само поради политички причини.“ Лапид ги повика шефовите на израелскиот безбедносен апарат да „излезат и да ја кажат вистината пред јавноста,“ велејќи дека „ако израелската влада се откажала од заложниците, треба да биде искрена со семејствата и да престане да игра игри.“

Американскиот претседател Џо Бајден, исто така, наводно покажал скептицизам во врска со подготвеноста на Нетанјаху да постигне договор, велејќи му за време на телефонскиот повик во четвртокот да „престане да го изигрува“, објави Канал 12.

Мрежата информира дека американскиот претседател му порачал на Натанјаху да престане да се „подбива“ откако израелскиот премиер му кажал дека Израел продолжува со преговорите за договор за заложници-примирје и дека наскоро ќе испрати делегација за да ги продолжи разговорите.

Можете да прочитате

Русија го подготвува ракетниот систем „Сармат“ за оперативна готовност

На Германија годишно и се потребни 288.000 странски работници

Долниот дом на Парламентот во Австралија го усвои предлог-законот за забрана за користење на социјалните мрежи за деца под 16 години