Утрински Весник
Свет

Израел нападна палестински камп во јужен Либан, цел – воениот командант на Фатах

Screenshot 2024 10 01 063000.jpg

Мета на израелскиот напад во Либан рано утринава бил Мунир Макдах, командант на либанскиот огранок на военото крило на палестинското движење Фатах, Бригадата на мачениците Ал Акса, дознава Ројтерс од двајца палестински безбедносни службеници. Ударот погоди зграда во палестинскиот камп Аин ал-Хилвех во близина на градот Сидон во јужен Либан рано утринава. Тоа беше прв напад врз преполниот бегалски камп, најголемиот од неколкуте палестински кампови во Либан, откако избија прекугранични непријателства пред речиси една година, според Ројтерс.

Засега не е позната судбината на воениот командант. Израелската војска денеска потврди дека започнала ограничени, локализирани и насочени напади врз цели на Хезболах во пограничната област на јужен Либан.

Израелската војска соопшти дека израелските воздушни сили и артилерија ги поддржуваат копнените сили со прецизни напади врз воени цели. Таа исто така рече дека целите се наоѓаат во селата во близина на границата и претставуваат непосредна закана за израелските заедници во северен Израел.

Нешто по полноќ во вторникот, објави Ројтерс, масивни последователни експлозии се слушнале низ либанскиот главен град Бејрут.

Претходно беше објавено дека најмалку два израелски проектили ги погодиле јужните предградија на Бејрут. Израелската војска предупреди еден час претходно дека ќе погоди одредени згради во густо населените јужни предградија, велејќи дека тие се користат како објекти од вооружената група Хезболах и им порача на жителите да си заминат.

Стравувањата од копнена инвазија се зголемија во понеделникот кога либанските трупи се повлекоа од границата со Израел, а американски официјален претставник изјави дека израелските трупи се чини дека се подготвени да влезат во Либан. Хезболах рано утринава соопшти дека целел кон израелските војници кои се движат низ либанските погранични градови.

Можете да прочитате

Зеленски: Украинската армија цврсто ги држи позициите во регионот Курск

САД размислуваат да испратат нов противракетен систем во Израел

Силен земјотрес регистриран во близина на брегот на Коста Рика