
Полициски претреси утрово се спроведуваат на повеќе од десет локации во Скопје, Тетово и Куманово, во акција поврзана со сомнежи за финансиски злоупотреби во приватна болница и Фондот за здравствено осигурување. Според првичните неофицијални информации, меѓу осомничените е и поранешниот директор на ФЗО, Ден Дончев.
Акцијата ја спроведува Одделот за организиран криминал при Бирото за јавна безбедност на МВР. Сомнежите се однесуваат на злоупотреба на службената положба и овластување, несовесно работење во службата, измама и перење пари.
Со полициските активности, според неофицијалните сознанија, се опфатени поранешни раководни лица во Фондот, како и сопственик на приватна болница. Се проверуваат сомнителни финансиски трансакции и можни злоупотреби поврзани со работењето на установата.

Засега нема официјални детали за бројот на осомничени, евентуални апсења и точниот износ на можната штета. Претресите се во тек, а повеќе информации од надлежните институции се очекуваат во текот на денот.


