Утрински Весник
Македонија

Исклучени серверите на веб-страницата што крадеше банкарски сметки претставувајќи се во име на УЈП

Исклучени серверите на веб-страницата што крадеше банкарски сметки претставувајќи се во име на УЈП

Исклучени се серверите на лажната веб-страница преку која се крадеа банкарски сметки и лични податоци од граѓаните. „Ујп-гов.мк“ денеска е надвор од функција, но доменот не е избришан од „Марнет“, каде што се регистрираат сите веб-страници со „.мк“. Ова доаѓа по вклучувањето и на полицијата во потрагата по измамниците што мамеа граѓани. Засега е познато дека веб-страницата е регистрирана на туѓо име и презиме, со лажна адреса и лажен телефонски број. Непознато е дали и колку луѓе оставиле лични податоци.

dobivaj vesti na viber

Засега нема одговор од „Марнет“ на прашањата зошто доменот два месеца не е избришан, а е регистриран со лажни лични информации. Од таму молк и на прашањето дали може да се превенираат регистрации на вакви веб-страници со цел граѓаните да не бидат изложени на злоупотреби. Од УЈП случајот го пријавија во полиција, чија задача е да откријат како и од кого е закупен доменот.

Лажната веб-страница на измамниците, кои се претставуваат како УЈП, е регистрирана на 6 февруари. Како сопственик е впишан извесен Јован Трајановски. Освен тоа, лажна и неточна е и имејл-адресата. „Макфакс“ се јави на бројот што е оставен за контакт кога измамниците го регистрирале порталот. Слушалката од другата страна ја крена жена. Кога го побаравме Јован, таа посочи: „Грешка сте“.

Ја проверивме и адресата внесена како седиште на регистраторот на лажната веб-страница. Измамниците како назив на улицата внеле булевар „Јане Сандански“, а како број пишале 12. Но, не пишале број на зграда, број на влез и број на стан. „Макфакс“ ги провери сите граѓани што како свое живеалиште ја имаат впишано оваа адреса. Станува збор за речиси 400 жители. Но, меѓу нив нема никој со име Јован Трајановски.

„Веб-страницата е лажна, не e во сопственост на Управата за јавни приходи. Испраќачот на пораките се обидува да ги злоупотреби името и логото на УЈП и да ги доведе во заблуда граѓаните да споделуваат лични податоци и на тој начин да се изложат на ризик и можна злоупотреба. Управата за јавни приходи ги презема сите неопходни активности за справување со оваа состојба“, велат од УЈП.

Ова не е прва ваква измама во Македонија. Изминатава година граѓаните алармираа, а МВР постапуваше по десетици вакви пријави. На ист или сличен начин, но преку веб-страници регистрирани во странство, се крадеа податоци од граѓани.

Можете да прочитате

Четири креативни работилници за деца, Саем на книга и доделување на наградите на „Литера 2024“

АПЕЛИРАМЕ НА ПРЕТПАЗЛИВОСТ: Денес доцна попладне и навечер, како и во текот на ноќта кон недела, локално по силно невреме во Македонија

Управен суд ги одби како неосновани сите седум тужби од „Европски фронт“