
Иран официјално објави дека повторно го затвора Ормускиот Проток за трговски бродови. Иранските власти предупредија дека секој брод што ќе се обиде да помине низ овој стратешки важен премин ќе биде цел на напад. Одлуката доаѓа по извештаите за напади врз неколку пловни објекти, вклучувајќи и еден танкер, кои се случиле во саботата.
Корпусот на чуварите на исламската револуција (IRGC) директно ги обвини Соединетите Американски Држави за оваа одлука. Oвој потег уследи само еден ден откако иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи, изјави дека клучниот светски поморски канал е привремено повторно отворен.
Нападнати бродови под индиско знаме
Додека поминувале низ протокот, два брода под индиско знаме биле нападнати, што предизвика сериозна загриженост во Њу Делхи. Во својот проглас, IRGC предупреди дека ниту еден брод не смее да ги напушта своите сидра во Персискиот Залив или во Оманското Море без нивна дозвола.
Реакцијата на САД и Доналд Трамп
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека Иран не може да ги „уценува“ САД со закани за блокирање на водниот пат. Техеран практично го држи протокот под блокада скоро два месеци, што доведе до драстичен скок на цените на нафтата на светските берзи.
Трамп потврди дека поморската блокада на иранските пристаништа ќе продолжи сè додека не се постигне траен мировен договор помеѓу Вашингтон и Техеран.
Тековниот двонеделен прекин на огнот истекува на 22 април.
Американската страна соопшти дека од почетокот на блокадата (13 април) досега биле вратени 23 ирански бродови.
Преговори под притисок
Иако ситуацијата на теренот е тензична, дипломатските канали остануваат отворени. Врховниот совет за национална безбедност на Иран потврди дека примиле нови предлози од САД кои во моментов се разгледуваат. Претседателот Трамп пред новинарите изјави дека разговорите напредуваат добро, иако одби да открие конкретни детали за евентуалниот договор.
„Приближувањето до Ормускиот Проток ќе се смета за соработка со непријателот и прекршителите ќе бидат нападнати“, децидни се од Иранската револуционерна гарда, јасно ставајќи до знаење дека без деблокирање на нивните пристаништа, нема да има слободен сообраќај во регионот.

