Лука Модриќ има договор со Реал Мадрид до крајот на сезоната и сѐ уште не е познато дали ќе ја продолжи соработката. Капитенот на хрватската репрезентација сака да ја заврши кариерата во Мадрид, но Реал го одложува продолжувањето на договорот со 37-годишниот играч за врска.
Дел од навивачите сметаат дека Модриќ има пад на формата и дека не заслужува да остане уште една сезона во Реал. Така мисли и легендарниот играч на Реал, Гути, Шпанецот кој одигра повеќе од 500 натпревари за „кралевите“, а кариерата ја заврши во 2011 година во турскиот Бешикташ.
„Се сомневам дека Модриќ ќе остане… Тој нема да има поголема улога следната сезона и не му е потебен на Реал. Не знам дали ќе дојде Џуд Белингем или некој друг играч во средниот ред, но Модриќ во одреден момент ќе мора да си замине”, изјави Гути и додаде дека го поддржува новиот договор со Карим Бензема, напаѓачот кој исто така има договор до крајот на сезоната.
Модриќ оваа сезона одигра 22 натпревари за Реал и постигна пет гола со две асистенции. Тој е во Реал од 2012 година.