Доколку Русија продолжи со плановите за анексија на четири украински региони, тоа би претставувало опасна ескалација што би ги загрозила изгледите за мир во регионот, предупреди денеска генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш.
„Секоја одлука да се продолжи со анексијата на украинските региони Донецк, Луганск, Херсон и Запорожје нема да има правна вредност и заслужува да биде осудена“, изјави Гутереш за новинарите, пренесе „Ројтерс“.
Кремљ претходно денеска соопшти дека рускиот претседател Владимир Путин утре на церемонија во Москва ќе ги потпише документите за пристапување кон Русија на украинските територии на кои се одржа референдумот.