Утрински Весник
Балкан

Грција потпиша договор со Израел за „Железната купола“ во вредност од над три милијарди евра

Grcija 1.jpg

Израел и Грција потпишаа договор вреден над три милијарди евра за изградба на грчката верзија на „Железната купола“, односно противвоздушниот, противбалистички и антидрон-систем, што го носи името „Штитот на Ахилеа“, а министерот за национална одбрана Никос Дендијас посочи дека „Грција е првата земја во Европската Унија што усвојува ваков систем“ – јави дописничката на МИА од Атина.

Договорот беше потпишан во Тел Авив меѓу претставници на Министерството за национална одбрана на Грција и израелската страна, а „Куполата“ е дел од реформата на грчката армија „Агенда 2030“.

– Вкупниот буџет на програмата изнесува три милијарди 35 милиони евра (3.035.000.000 евра). Во рамките на реализацијата е предвидено широко учество на грчкиот одбранбен и технолошки сектор, при што 19 грчки компании веќе учествуваат во соодветните процедури. Нивното учество надминува 25 отсто и изнесува 750 милиони евра. Паралелно предвидено е создавање производствена база во Грција со можности за извоз – соопштија од Министерството за национална одбрана на Грција.

Министерот Дендијас истакна дека „се наоѓаме во период на радикални промени, а современите конфликти веќе ги променија параметрите на воената одбрана и одвраќањето“.

Портпаролот на грчката влада, Павлос Маринакис, на денешниот редовен брифинг со новинарите посочи дека станува збор за „една од најамбициозните програми за воена опрема во последните години“.

Објасни дека „Штитот на Ахилеа“ опфаќа набавка на нови противвоздушни и противбалистички системи и има цел реорганизација на грчката воздушна одбрана.

Можете да прочитате

Јанша ја повика ЕУ да ги исполни ветувањата за проширувањето на Западен Балкан

Истражување во Србија на БИРОДИ: Студентската листа би освоила околу 48,5 отсто на следните парламентарни избори

Мртво бебе, убиено со најмалку десет убоди од нож, пронајдено во смрзнат сад скриен во куфер во стан во Атина