Утрински Весник
Свет

Поројни поплави во Големиот Кањон: Едно лице загина, по 15 се трага, затворени ноќевалиштата

20250711211112 big 730x400 29.webp.webp

Најмалку едно лице загина, а 15 се водат како исчезнати по разорните поројни поплави во внатрешните кањони на Националниот парк Голем Кањон, соопшти Службата за национални паркови на САД (НПС), најавувајќи рестрикции за вода и затворање на ноќевалиштата поради големи оштетувања на инфраструктурата.

„Операциите за пронаоѓање и извлекување на 46-годишен маж во близина на брзаците Кристал долж реката Колорадо се завршени“, соопшти синоќа Службата.

Властите соопштија дека бројот на лица за кои нема информации е намален на 15 од првичната проценка од 20, додека продолжува потрагата во областите Брајт Енџел Кањон и Фантом Ранч, оддалечени делови од паркот долж реката Колорадо.

Катастрофалното надоаѓање на водата во саботата ги уништи речиси сите пешачки мостови над Брајт Енџел Крик, една од главните притоки на реката Колорадо, и сериозно го оштети Транскањонскиот водовод, главниот систем за снабдување со вода на паркот. Поради критичниот недостиг на вода што следуваше, властите од денеска напладне ќе воведат ограничувања од четврто ниво за користење вода на Јужниот раб.

Поради оштетувањето на инфраструктурата, НПС нареди сите концесиски објекти во паркот од понеделник да престанат со обезбедување ноќевања. Мерката ги опфаќа и главните објекти, меѓу кои „Ел Товар“, „Брајт Енџел Лоџ“ и „Фантом Ранч“. Посетителите со резервации во градот Тусјан, кој се наоѓа веднаш надвор од границите на паркот, нема да бидат засегнати.

Камповите во паркот ќе бидат достапни само за „суво кампување“, при што надворешните чешми за вода ќе бидат исклучени. Дополнително, на Јужниот раб и во внатрешните кањони е воведена целосна забрана за палење оган, вклучително и огнови на дрва и јаглен. Иако паркот останува отворен за дневни посети, службата предупреди дека некои услуги може да работат со скратено работно време.

Националната метеоролошка служба издаде предупредување за опасност од поплави за регионот до полноќ во вторник (до 7 часот по Гринич), со прогноза од 90 отсто веројатност за дожд и грмежи во понеделник.

До недела наутро, екипите за итни случаи успешно евакуирале 62 лица од Фантом Ранч и од долниот дел на патеката Северен Кајбаб. 

Можете да прочитате

Песков: Москва и понатаму очекува разговори со Зеленски

Американски медиуми: Бесент и Силуанов разговараа за можно завршување на војната во Украина

Анкета: Марин Ле Пен би победила на претседателски избори во Франција