
Во своето последно гостување на „Ноќно студио“ на 4ТВ, лидерот на Стевче Јакимовски испрати силна и емотивна порака за состојбата во која се наоѓа Македонија, правејќи споредба меѓу времињата кога македонските спортски и културни великани ја обединуваа нацијата и денешната атмосфера исполнета со страв, неизвесност и разочараност.
Јакимовски се потсети на периодот кога успесите на македонските легенди предизвикуваа чувство на искрена гордост кај граѓаните.
„Знаете ли колку бевме горди кога Дарко Панчев стана европски шампион и ја зеде ‘Златната копачка’? Или кога Благоја Георгиевски се искачи на светскиот трон во кошарка? Нема никогаш да ги заборавам преметите на Шабан Трстена по олимпиското злато или мајсториите на Влатко Стефановски кои беа препознаени низ цела Југославија. Тоа е гордост – кога имате дела со кои целиот свет ве препознава“, изјави Јакимовски.
Според него, државата во изминатите три децении не успеала да изгради систем кој ќе ги препознае, поддржи и развива новите генерации талентирани спортисти, уметници и научници.
„За жал, не се потрудивме да им создадеме простор и услови на талентираните луѓе. Гордоста на нацијата не е да викаш ‘јас сум горд’, туку делата да ти бидат горди. Ме загрижува тоа што често ме застануваат луѓе кои воопшто не ме познаваат и ме прашуваат: ‘Градоначалниче, каде ќе биде Македонија? Што ќе се случи со државата?’. Тоа ме прашуваат и Македонци, и Албанци, и Роми. Загриженоста е кај сите. Не само што не сме горди, туку сме понижени од состојбата во која се наоѓаме – небезбедни, безгрижни и без јасна насока“, порача Јакимовски.



