Утрински Весник
Свет

Големиот пожар на Кипар сè уште не е ставен под контрола

Kipar Pozar.jpg

Во текот на ноќта со несмален интензитет продолжи гаснењето на големиот пожар во близина на градот Пафос во западниот дел на Кипар, што сè уште не е ставен под контрола, а утрово се очекува да започне интервенција и од воздух со авионите што пристигнаа од Грција и Јордан, јави дописничката на МИА од Атина.

Пожарот уништи домови, а вчера превентивно беа евакуирани неколку населени места.

Според портпаролот на противпожарната служба на Кипар Андреас Кетис, утрово активни се две жаришта во непроодни делови, а интервенираат над 250 припадници на противпожарната служба и волонтери, како и 50 возила.

Република Кипар вчера побара помош со воздушни средства од Јордан, Израел, Грција и механизмот за цивилна заштита на Европската Унија.

Два грчки авиони од типот Canadair се веќе на Кипар, а се очекуваат и двата Airtractor од Јордан.

Претседателот на Република Кипар Никос Христодулидис, поради пожарот синоќа ја прекина посетата на Јордан и пристигна во Координативниот центар во Ларнака каде што беше информиран за ситуацијата истакна дека приоритет е безбедноста на граѓаните, посочи дека разговарал со жителите на погодените подрачја, чии домови целосно се уништени и државата ќе им помогне.

Им се заблагодари на Грција и Јордан за испратените авиони за гаснење на пожарот и потенцираше дека е време „Република Кипар да го добие она што требаше да го има со години, свои воздушни средства“.

Можете да прочитате

Зеленски: Путин се плаши од директни преговори со мене

Администрацијата на Трамп намалува уште 450 милиони долари од финансирањето на Харвард

Подољак: Зеленски нема да се сретне со никој друг во Истанбул, освен со Путин