Утрински Весник
Балкан

Голем пожар во централна Грција – по морски пат се спроведува евакуација

20260731131304 big 730x400 52.webp.webp

Во централна Грција, во близина на градот Тива и крајбрежното место Агиос Василиос, и на Пелопонез, во непосредна близина на археолошкиот локалитет Микена, активни се големи пожари, кои поради ветерот, бргу се шират, а од бројот 112 за итни случаи беа испратени пораки за евакуација на жителите на неколку населени места – јави дописничката на МИА од Атина.

Во пожарот во областа Виотија, во централна Грција, од приморското место Агиос Василиос кај Коринтскиот Залив, со помош на чамци на противпожарната и крајбрежната служба, на приватни чамци, по морски пат се евакуираат жители и туристи од поширокиот регион.

Претседателот на Здружението на грчките пожарникари, Костас Цигас, говорејќи за државната телевизија ЕРТ, објасни дека пожарот е проширен кон главниот пат и затоа единствен безбеден пат за евакуација на луѓето е по море.

Во конкретниот дел активни се две жаришта, а огнените јазици се блиску до населено место и затоа се спроведуваат евалуациите.

Интервенираат 60 пожарникари со три пешадиски тима, 19 возила и еден хеликоптер, а помагаат и цистерни од општината.

Другиот пожар на Пелопонез е во близина на археолошкиот локалитет Микена, но без да биде во директна опасност од огнената стихија.

Пожарот во тој дел засега не е во близина на населени места иако превентивно беше испратена порака од 112 до жителите во поширокиот регион.

Интервенираат 48 пожарникари со три пешадиски тима, 13 возила и четири авиони и еден хеликоптер, а помагаат и цистерни од општината. 

Фото: Противпожарна служба на Грција

Можете да прочитате

Големи пожари беснеат и во Турција

Четири лица во Грција починале од Западнонилска треска

Пукање среде Башчаршија: Маскиран маж отворил оган кон локал полн со гости