Утрински Весник
Македонија

Гаши за наводите од Филипче:  Постапено е целосно во согласност со Деловникот

Sobranie.webp.webp

Во врска со изнесените наводи од страна на претседателот на СДСМ, Венко Филипче, од Кабинетот на претседателот на Собранието информираат дека постапувањето на претседателот на Собранието, Африм Гаши, е целосно во согласност со Деловникот на Собранието на Република Северна Македонија и во рамки на неговите уставни и деловнички надлежности.

„Имено, на 18 мај 2026 година, врз основа на член 126 став 2 од Деловникот, претседателката на Комисијата за финансирање и буџет ја свика 64-тата седница на Комисијата за 19 мај 2026 година, со почеток во 11:30 часот. Седницата започна на 19 мај 2026 година и по утврдувањето на дневниот ред беше прекината.


Имајќи ги предвид роковите утврдени во член 176 став 2 и член 181 став 1 од Деловникот, повеќе од една третина од членовите на Комисијата, согласно 126 став 2, на 20 мај 2026 година доставија барање до претседателката на Комисијата за продолжување на седницата во деловнички утврдените рокови, но продолжението на седницата не беше свикано.

Поради тоа, на 20 мај 2026 година, група пратеници до претседателот на Собранието доставија барање за свикување продолжение на 64-тата седница на Комисијата за финансирање и буџет, поради непостапувањето претседателката на Комисијата по доставеното барање за продолжување на седницата.

Со цел одржување на седницата во роковите утврдени во Деловникот, а согласно член 126 став 3 од Деловникот, претседателот на Собранието на 21 мај 2026 година го свика Првото продолжение на 64-тата седница на Комисијата за финансирање и буџет“.

Оттука, како што е истакнато во соопштението од кабинетот на Гаши, станува збор за постапување кое не претставува политичка волја или произволна интервенција, туку исклучиво примена на јасно утврдени деловнички одредби, со цел обезбедување на функционалноста на Собранието и почитување на роковите предвидени во парламентарната процедура.

„Сметаме дека Собранието не смее да биде предмет на дневно-политички конструкции и неосновани обвинувања чија единствена цел е создавање политичка тензија и медиумска конфронтација.

Претседателот на Собранието останува посветен на принципите на институционалност, правна сигурност и доследно почитување на Деловникот, без селективност и без политички калкулации“.

Можете да прочитате

Национален младински форум „Тука сме за да останеме!”

Министерство за правда: Разгледани се сите препораки на ОБСЕ/ОДИХР, најголем дел се прифатливи

Командантот на Здружената команда на сојузничките сили на НАТО во Неапол во прва работна посета на Армијата и Министерството за одбрана