Утрински Весник
Македонија

(Фото) Пожари го угушија Скопје – Чад и силен мирис на изгорено го прекрија градот

Whatsapp image 2025 07 09 at 15.39.11.jpeg

Скопје утринава осамна под густа завеса од чад и силен мирис на изгорено, откако неколку пожари беснеат во различни делови на градот и неговата околина. Најголем пожар од рано утро е активен во Визбегово, каде гори голема депонија, а во воздухот се крева густ и црн отровен чад. Силниот ветер што дува низ Скопје дополнително ги разгорува пламените и ја влошува состојбата со загадувањето.

Освен во Визбегово, попладнево пожар избувна и во скопската населба Ѓорче Петров, каде густ чад целосно го прекри влезот и излезот од градот. Жителите на повеќе населби алармираат дека чадот и непријатниот мирис се чувствуваат и во централните делови на Скопје, што предизвикува загриженост за здравјето и безбедноста.


Истовремено, нови пожари се активни и на северот од градот. Градоначалникот на Чучер-Сандево, Сашко Комненовиќ, со драматичен апел повика на мобилизација на жителите:

„Имаме активен пожар во село Бразда и над црквата во Чучер. Сите што се машки и подвижни, нека земат алат и нека излезат да помогнат во гаснењето на пожарот. Се молат сите, колку што може, да излезат по масовно и да се спасиме од оваа стихија“, порача Комненовиќ преку социјалните мрежи.

Граѓаните се повикуваат да останат внимателни, да избегнуваат престој на отворено и да користат заштитни маски. Центарот за управување со кризи и противпожарните служби се на терен, но поради обемот на пожарите, ангажирани се и волонтери и механизација од соседните општини.

Можете да прочитате

Пензионери пукале во дрвена мета на кејот на Брегалница, се спремале за натпревар

Средношколец од Прилеп четири години лажно се претставувал како наставник, имал пристап и помагал при водењето на е-дневникот

Филипче: Власта ја изолира државата од Европа