Утрински Весник
Култура

Филмот „Снежаната на крајот умира“ ќе се прикажува во кината од 6 октомври

Филмот „Снежаната на крајот умира“ ќе се прикажува во кината од 6 октомври

Животите на една хикикомори уметница, радиоводител со Аспергер синдром, сопственик на видеотека, филозоф од пред гранапче, креативен директор и гинеколог антинаталист се испреплетуваат низ три откачени приказни за љубов, пријателство и посветеност.

dobivaj vesti na viber

„Снежана на крајот умира“ е социјална драма во амбалажа на комедија на апсурд, која се занимава со тоа колку е ужасно тешко да се остане чесен и верен на своите вредности во морално корумпирана средина. Филмот е составен од 3 испреплетени приказни за 3 групи луѓе, една мува, едно прасе, една клозетска шолја и еден град, чии патишта се допираат и влијаат еден на друг.

Главните улоги во филмот ги толкуваат Верица Недеска, Наташа Петровиќ, Сашко Коцев, Дениз Абдула, Ивица Димитријевиќ, Давид Јанакиев и Тино Костадиновски.

Сценарист и режисер на филмот е Кристијан Ристески, продуцент е Дарко Попов, кинематографери се Димо Попов и Севдије Кастрати, монтажер е Горан Вуќиќ, композитори се Александар Пејовски и Ставрос Макрис, сценограф е Сашо Блажевски, костимограф е Емилија Ивановска Атанасовска, дизајнер на звук е Грег Малканџи, маскер е Мојца Горогранц Петрушевска, кастинг директор е Мони Дамевски.

Режисерот Ристески филмот го дефинира вака: „Нашиот филм е приказна за човечката добрина, пристојноста, интегритетот, надежта и радоста на животот“.

Филмот е македонско-кипарска копродукција меѓу продукциските куќи Вертиго висуал (МКД) и Карета филмс (КИП). Продукцискиот буџет е 405 илјади евра. Финансиски е поддржан од македонската Агенција за филм (200 илјади евра) и кипарското Министерството за култура (45 илјади евра).

„Снежана на крајот умира“ имаше светска премиера на почетокот на годинава во официјалната селекција на филмскиот фестивал „Слемденс“ во Парк сити, САД, а европска премиера имаше ова лето на фестивал од А категорија, речиси истовремено со македонската премиера на затворањето на фестивалот „Браќа Манаки“ во Битола.

„Слемденс“ е Оскар-квалифицирачки фестивал на дебитантски филмови со буџет до милион долари, чие мото е „од филмаџии за филмаџии“. Оваа година селекцијата на филмовите беше извршена од преку 8100 пријавени филмови. На овој фестивал своите светски премиери ги имале режисерските дебија на Кристофер Нолан (познат по „Tenet”, „Dunkirk“, „Inception“), Бонг Џун Хо
(познат по „Parasite“, „Okja“, „Memoirs of a Murder“), Шон Бејкер (познат по „Red Rocket“, „The Florida Project“, „Tangerine“), браќата Русо (познати по блокбастер франшизите „Авенџерс“ и „Капетан Америка“)…

Фестивалскиот лајнап беше објавен на  фестивалскиот вебсајт  и во престижните филмски списанија  Варајети,  Скрин дејли  и  Холивуд рипортер .

Ова се неколку извадоци од критиките што ги објавија американските медиуми по светската
премиера:

„Прекрасен мозаик што ме потсети на „Магнолија“ на Пол Томас Андерсон, напишан со уште поисчашена комедиографска рака“ – SLUG MAG

„Беше навистина инспиративно искуство да се види како филмот успева да исцеди од приказната толку многу надеж и љубов“ – ANTICRITIC

„Ристески умее да ја намириса блескавата необичност во баналното секојдневие како свиња што бара тартуфи“ – FILM THREAT

„Оваа приказна сигурно нема да ве потсети на ништо што до сега сте го виделе, што е препорака сама по себе“ – MOVIE BOOZER

„Прекрасно исчанчен филм кој поседува уникатно чувство за реалноста“ – UNSEEN FILMS

Ова се дел од критиките во интегрална форма:

Snow White Dies At The End


https://www.slugmag.com/tag/snow-white-dies-at-the-end/

Филмот е развиен на филмските маркети CineLink (во рамките на Сараевскиот филмски фестивал) и Балкан филм маркет (каде режисерот и продуцентот освоија награда за најдобар пич), сценариото е развиено во соработка со програмите за развој на сценарио Соурцес2 (Германија) и МИДПОИНТ (Чешка), а грубата монтажа на филмот беше селектирана во Works In Progress програмите Eastern Promisses WIP (во рамките на филмскиот фестивал во Карлови Вари), Sofia Meetings WIP (во рамките на Софискиот филмски фестивал) и MedFilm WIPs (во рамките на филмскиот фестивал MedFilm во Рим).

Продажен агент на филмот за сите пазари освен македонскиот и кипарскиот е американската компанија OneTwoThree Media, која почна со светска продажба на „Снежана на крајот умира“ во рамките на индустриската секција на Филмскиот фестивал во Торонто, кој заврши пред неполни две недели.

Домашната кино-дистрибуција ќе почне на 6 октомври во Cineplexx.

Можете да прочитате

Се заострува режимот за градби во старото градско јадро на Охрид 

Костадиновска-Стојчевска: Со отворена соработка со УНЕСКО и заеднички активности ќе го штитиме природното и културното наследство во Охрид

19 романи избрани во првата селекција за наградата „Роман на годината“