
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во интервју за „Директно” на телевизија Телма, ги претстави клучните точки од Мастер планот на СДСМ.

Како дел од Мастер планот, Филипче ги посочи продолжувањето на европскиот пат, враќањето на правдата преку соработка со европското обвинителство, ревизија на тешки случаи, специјален закон за ветинг за сите функционери и друго.
Во делот на правдата, Филипче посочи дека со Мастер планот е предвиден посебен Закон за ветинг со кој ќе бидат опфатени сите функционери, без исклучок и поранешни и актуелни, при што нагласи дека тој лично би бил прв подложен на проверка.
„Специјален посебен закон за ветинг, од мене прв и сите други од времето на СДСМ, вклучувајќи ги и Зоран Заев и Радмила Шекеринска, Петре Шилегов. Нека се види и нека се провери после тоа. Но, и сите сегашни функционери на ВМРО, на чело со премиерот Христијан Мицкоски”, рече Филипче.
Филипче посочи дека во процесот е предвидено да бидат вклучени странски експерти и да се направи проверка на потеклото на имотот.
„Со странски експерти, проверка и потекло на имотот, вклучувајќи и проверка и потекло на имотот на најголемите компании, кои изминатите повеќе од 10 години работе со државата остврија со екстра профити, со посебни членови во законот за екстра оданочување на профитите, затоа што тие компании работеа, целосно според закон, а остваруваат екстра профит. Имаме мултимилионери на сметка на државата – ќе се вратат парите во буџетот”, рече Филипче.
Филипче нагласи дека Мастер планот има за цел преку конкретни политики да се врати довербата на граѓаните, при што правдата, европскиот пат, борбата против корупцијата се поставени како клучни приоритети.
„Затоа, како што кажав, континуитет на некои одредени политики и научени лекции. Така го креиравме мастер планот. Европа, мора да продолжи. Правда, мора да се врати за да им се врати довербата на разочараните граѓани. Никој не може да ме запре во борбата за подобар живот, во борбата против корупцијата, за побогати граѓани и за европска Македонија”, рече Филипче.


