Утрински Весник
Македонија

Филипче: Македонија не е на продажба — СДСМ ќе го блокира отворањето нови рудници

Filipche venko sdsm sobr 1 pres.jpeg

Македонија не е на продажба и СДСМ ќе се спротивстави на отворањето нови рудници, порача претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на денешната прес-конференција во македонското Собрание.

Тој побара власта да се повлече од предложение просторен План и најави дека, доколку тоа не се случи, покрај учеството на јавните дебати, ќе следуваат и физички блокади со жив штит од луѓе.


„Сакам да им порачам: Македонија не е на продажба. Нема да го ризикуваме здравјето на граѓаните за туѓи профити. Сакам јасно и гласно тука да им кажам да отстапат и да се повлечат од овој план”, истакна Филипче.

Тој посочи дека новиот просторен план предвидува отворање пет нови рудници, на локациите Иловица–Штука, Казандол, Плавица, Кадиица и Луке, и обвини дека власта го става националното богатство во служба на туѓи финансиски интереси.

„На овие пет места владата на Христијан Мицкоски планира да ја продава земјата, планира да ја продава Македонија на странски фирми за странски профити”, рече Филипче.

Претседателот на СДСМ предупреди на ризиците што рудниците може да ги предизвикаат за здравјето на граѓаните, почвата и водите. Дополнително, тој посочи дека концесијата за геолошки истражувања во регионот „Исток” опфаќа подрачје од 27 општини, вклучително и планината Кожув.

Филипче нагласи дека ставот на СДСМ произлегува од загриженоста и реакциите на граѓаните кои живеат во овие региони, меѓу кои и земјоделците со кои се сретнале во изминатиот период.

 Како што посочи, луѓето се плашат од можните последици врз нивното здравје и животната средина, а партијата ги слуша нивните барања без оглед на партиската припадност.

Тој најави дека СДСМ ќе се спротивстави на планот на јавните дебати, кои започнуваат во Струмица и ќе продолжат на уште осум места низ државата.

„Ќе зборуваме, ќе дебатираме на сите јавни дебати и ако не се повлечат, да знаат дека ќе го блокираме и физички со жив штит од луѓе на местата каде што планираат да ја продаваат земјата за нивни и за туѓи странски профити”, порача Филипче.

„Ова нема и не смее да помине”, нагласи претседателот на СДСМ.

Можете да прочитате

Стручната комисија утврди: нема лекарска грешка во лекувањето на родилката од Струмица

Дал капар за куќа па „мајсторот“ избегал – скопјанец измамен за 5.500 евра

Петрушевски: Владата носи инвестиции и продлабочување на соработката со Вашингтон