
Фатмир Битиќи ќе биде потпретседател на СДСМ, најави лидерот на партијата Венко Филипче во „Ноќно студио“ на 4ТВ. Тој го соопшти тоа во разговор за застапеноста на етничките заедници во партијата и за концептот „Едно општество за сите“.
„Ќе имаме потпретседател, Фатмир Битиќи, кој е Албанец“, рече Филипче. Тој посочи дека во Извршниот одбор на СДСМ има и член Албанец, а меѓу пратениците на партијата има претставник од влашката заедница.
Филипче рече дека СДСМ останува на концептот „Едно општество за сите“ и дека граѓаните треба да имаат можност да напредуваат според своето образование, знаење и професионални способности.
„Дали си Македонец, Албанец, Турчин, не е битно. Битно е каков човек си, колку вредиш, како си едуциран, колку придонесуваш за општеството“, изјави тој.
Зборувајќи за меѓуетничките односи, Филипче оцени дека заедничкиот живот на Македонците и Албанците во земјава може да биде пример и во светски рамки.
„Не сме ние непријателски народи, па политиката да треба да интервенира, да нè смирува“, рече лидерот на СДСМ.
Како пример ја посочи Швајцарија, каде што, според него, квалификациите и познавањето јазици се важни за добивање добро платена работа. „За тоа се борам и јас и СДСМ“, порача Филипче.
На прашањето за балансерот, Бадентеровото мнозинство и употребата на албанскиот јазик, Филипче оцени дека во политичката дебата повторно се отвораат прашања што, според него, веќе биле затворени. Тој изрази сомнеж дека со нивното враќање се пренасочува вниманието од други проблеми.
„Логично ли е прашањето дали тоа не е намерно, затоа што нема одговор на другите прашања?“, рече Филипче во „Ноќно студио“ на 4ТВ.


