Утрински Весник
Македонија

Филипче: Европа праќа порака дека проширувањето е живо, Македонија не смее да остане во чекалната

Venko filipce 32 kongres sdsm 3.jpeg

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на 32 програмски Конгрес на партијата „Твоја држава-твоја шанса”, порача дека Европската Унија испраќа јасен сигнал дека проширувањето останува високо на агендата, оценувајќи дека Македонија не смее да остане заглавена во чекалната додека земјите од регионот напредуваат во евроинтегративниот процес.

„Моментот е историски: на Самитот ЕУ – Западен Балкан во Тиват на 5 јуни беше повторено дека овој дел од Европа е составен дел од иднината на Европската Унија, проширувањето повторно добива политички моментум, на дофат се конкретни придобивки за граѓаните. Уште еднаш слушнавме дека за Македонија усвојувањето на уставните измени останува единствениот услов за формално отворање на следната фаза од преговорите”, истакна Филипче.

Осврнувајќи се на пораките од Самитот ЕУ – Западен Балкан во Тиват, Филипче нагласи дека Унијата јасно ја потврди својата посветеност кон регионот.

„Во Тиват, Европа не испрати куртоазна порака. Испрати политички сигнал. Лидерите на ЕУ повторија дека Западен Балкан е дел од иднината на Унијата, дека проширувањето е геополитички приоритет и дека постои подготвеност процесот да стане подинамичен, попрактичен и повидлив за граѓаните. Додека ние стоиме во место, Албанија веќе ги отвори сите кластери, а договорот за членство на Црна Гора веќе се пишува во Брисел”, рече Филипче.

Филипче предупреди дека државата не смее да дозволи повторно да заостанува зад соседите во процесот на евроинтеграции.

„Што значи ова за Македонија? Значи дека историјата не нè чека. Значи дека околу нас тргнаа процеси што можат да ја променат политичката карта на Европа, а ние не смееме повторно да останеме европска провинција, да стоиме на станицата, со објаснување дека возот бил неисправен. Возовите во политиката не се фаќаат со оправдувања. Се фаќаат со одлуки”, порача Филипче.

Во тој контекст, тој нагласи дека следната фаза од преговорите останува поврзана со исполнувањето на веќе преземените обврски.

„Да кажеме и една болна, но неопходна вистина: според важечката преговарачка рамка, скринингот е завршен уште во декември 2023 година, но отворањето на првиот кластер, Фундаменталните вредности, останува врзано за усвојувањето на договорените уставни измени. Тоа изрично беше повторено и во Тиват, и од страна на претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта при неговата посета на Скопје. Значи, не станува збор за шпекулација, туку за фактичка состојба во процесот каков што денес постои”, истакна Филипче.

Филипе нагласи дека граѓаните имаат право на јасен план за продолжување на евроинтегративниот процес, и дека СДСМ мора да изврши силен, континуиран и одговорен притисок врз власта.

„Потребен е јасен државен план за отворање на кластерите и поглавјата во преговорите, со рокови, политичка одговорност и целосен јавен отчет. Доста беа збунувачки изјави и маркетинг фотографии. Народот има право да знае што е планот, кој е следниот чекор и кој ќе одговара ако Македонија повторно остане во чекалната”, порача Филипче.

Можете да прочитате

Турски државјанин пронајден починат во хотел во Скопје

ВЛЕН: ДУИ со нова лага и нов театар, кога немаат одговор за сопствениот имот и афери, измислуваат конструкции

ЈПДП потсетува дека од 15 јуни лентите за MTAG ќе бидат исклучиво за корисници со електронски тагови