Утрински Весник
Свет

Европа се загрева најбрзо, далеку над глобалниот просек

Temperaturi 1.jpg
Img 5587

Вo подрачјето на Европа досега се забележани најмногу денови со таканаречен топлотен стрес. Топлотниот стрес е состојба кога телото не може правилно да се олади и неговата температура се зголемува на опасно ниво, кога клучните органи може да откажат. Ова се случува кога телото не го користи главниот начин за справување со вишокот топлина – испарувањето на потта низ кожата – бидејќи воздухот е премногу влажен.

Заедничкиот извештај објавен од Коперник (Служба за следење на климатските промени на ЕУ) и Светската метеоролошка организација (СМО) покажа нови загрижувачки податоци. Имено, Европејците преку ден страдаат од невидена топлина, а навечер се под стрес поради непријатните горештини.

Ss1

Европа е континентот кој најбрзо се затоплува, предупредуваат експертите, затоплување со стапка далеку над глобалниот просек.

Стапката на смртност од топлина зголемена за 30%

Стапката на смртност од топлина е зголемена за 30% во последните две децении во Европа. Економските загуби поврзани со временските услови и климата се проценуваат на 13,4 милијарди евра, според извештајот и Селесте Сауло, како што објави „Гардијан“.

Според извештајот, температурите низ Европа биле над просекот за 11 месеци минатата година, вклучувајќи го и најтоплиот септември од почетокот на евиденцијата. Поради жештините и сушата имаше големи пожари кои ги опустошија селата и ги „задушија“ жителите на градовите.

Пожарите беа најинтензивни во јужноевропските земји како Португалија, Шпанија и Италија. Грција беше погодена од најголемиот шумски пожар во ЕУ, изгоре 96.000 хектари земја, се вели во извештајот.

Разорни пожари и смртоносни поплави

Од друга страна, обилните дождови предизвикаа смртоносни поплави. Во 2023 година, Европа беше околу 7% повлажна од просекот во последните три децении. „Минатата година Европа беше погодена од најголемиот шумски пожар. Во исто време бевме сведоци на една од најврнежливите години, силни морски топлотни бранови и разорни поплави“, изјави Карло Буонтемпо, директор на Коперник.

Континентот ја доживеа најтоплата година досега. Северозападна Европа го доживеа најтоплиот јуни досега, додека поголемиот дел од Европа беше погоден од топлотни бранови за време на „продолженото лето“ од јуни до септември.

Во екот на топлотниот бран во јули, 41 отсто од јужна Европа беше погодена од силен до екстремен топлотен стрес, што ги влошува постоечките здравствени состојби и може да го зголеми ризикот од болести.

Помалку врнежи од снег

На Пиринејскиот Полуостров и во Источна Европа имаше суша. Бројот на денови со снежни врнежи беше под просекот, се вели во извештајот, а недостигот на зимски снег во комбинација со летните топлотни бранови значеше дека глечерите на Алпите исклучително брзо се топат. Во последните две години, алпските глечери изгубија околу 10% од преостанатиот волумен.

Сè уште не е сосема јасно како глобалното затоплување предизвикува се повеќе и повеќе обилни врнежи. Потоплиот воздух може да задржи повеќе влага, што овозможува поекстремни бури. Но, од друга страна, поради сложеноста на климатските промени, врнежите не треба секогаш да се случуваат. Постои многу посилна врска помеѓу глобалното затоплување и топлотните бранови.

Извештајот не дава податоци за минатата година за бројот на починати од горештините, но се знае дека во 2022 година имало 70.000 дополнителни смртни случаи поради горештините. „Бројот на смртни случаи поврзани со топлина во 2023 година веројатно ќе биде поголем“, рече климатологот Фридерике Ото од Империјал колеџ во Лондон.

Ss1

Можете да прочитате

За обнова на разрушените домови во Газа според ОН ќе бидат потребни минимум 16 години

Руски војници влегоа во американската база во Нигер

Подољак: Да се усвои единствена одлука за враќање на воено способни мажи во Украина