Членките на Европската унија се согласија да ја ограничат цената на руската нафта на 60 долари за барел, во согласност со предлогот на Г7, изјавија европски дипломати за ДПА.
Цената, договорена на ниво на амбасадори на земјите-членки на ЕУ денеска во Брисел, е поврзана со претходната одлука на земјите од Г7 да го санкционираат извозот на руска нафта.
Тоа следи откако Полска се согласи со договорот со Европската унија за ограничување на цената на руската нафта на 60 долари за барел, што ќе и овозможи на ЕУ да продолжи со официјалното одобрување на договорот во текот на викендот, изјави полскиот амбасадор во ЕУ, Анджеј Садос.
Тој рече дека договорот ќе биде официјално објавен во недела, ден пред стапувањето на сила на ембаргото за нафта на ЕУ.
Ограничувањето на извозот на руска нафта има за цел да ги ограничи приходите на Русија од зголемените цени на енергијата, а со тоа и можноста да ја финансира војната против Украина. Исто така, го спречува скокот на глобалните цени на нафтата откако ембаргото на ЕУ за руската сурова нафта ќе стапи на сила на 5 декември.
Механизмот предвидува плафон од 60 долари за барел нафта што се продава на трети земји, заедно со ембарго на ЕУ.
Она што ЕУ го има на располагање под таа граница е да забрани обезбедување на одредени услуги за руската нафта, вклучително осигурување, финансирање и техничка помош, доколку нафтата се продава над 60 долари.
Поради оваа одлука, руското производство на нафта би можело да се намали за 500 до 1 милион барели нафта дневно на почетокот на следната година, велат извори од руската нафтена индустрија.