Утрински Весник
Македонија

ЕУ мобилизира дополнителна помош за борба против пожарите во Македонија

Helikoptervoen.jpg

По упатеното барање за помош од Северна Македонија, Германија и Шведска мобилизираа по два авиони од флотата на ЕУ намената за справување со пожарите – РескЕУ, а оваа помош беше надополнета со хеликоптер од флотата стационирана во Чешка и со по еден хеликоптер од Словенија и Србија, соопшти денеска Европската комисија.

– Како дел од постојаната борба против шумските пожари, веднаш реагираше Механизмот за цивилна заштита на ЕУ. Благодарен сум на земјите членки кои испратија помош, ова е солидарност на ЕУ во пракса, изјави еврокомесарот за справување со кризи Јанез Ленарчич.

Дополнително, во земјава е распореден и офицер за врска од Координативниот центар за одговор при итни случаи на ЕУ со цел поддршка на македонските власти во координација на одговорот на пожарите.

Покрај за Северна Македонија, изминатава недела Механизмот за цивилна заштита на ЕУ беше активиран и за гаснење на шумските пожари во Бугарија и Албанија.

Во Бугарија се испратени по два авиони од Грција и Франција, како и уште два авиони од флотата на РескЕУ во Шведска, додека во Албанија се распоредени два авиони од флотата на ЕУ стационирани во Италија.

– Координативниот центар за одговор при итни случаи на ЕУ продолжува внимателно да ја следи ситуацијата, со цел дека може брзо да се распореди дополнителна помош доколку е потребно, се додава во соопштението.

Со цел да помогне во справувањето со евентуалните пожари, Европската комисија во пресрет на летото формира флота од авиони и хеликоптери за гаснење пожари и ангажираше пожарникари спремни за итна реакции, кои се распоредени на неколку локации ширум Европа.

Противпожарната флота на ЕУ се состои од 28 авиони и четири хеликоптери стационирани во 10 земји членки на ЕУ.

Дополнително, 556 пожарникари од 12 земји се стратешки распоредени на клучните локации во Европа, во Франција, Грција, Португалија и Шпанија, кои се подготвени да реагираат во помош на локалните противпожарни единици во справувањето со огнените стихии.

Можете да прочитате

(Видео) Со колони знамиња прославено во Скопје Денот на албанското знаме

Јаневска: Директорот во студентскиот дом „Пелагонија“ набавил пилешко по цена од 570 денари за килограм

Ратите за новите автобуси ќе се отплаќаат од 2028 година, најавува премиерот Мицкоски