Утрински Весник
Свет

Ердоган повика на укинување на правото на вето во ОН и реформа на Советот за безбедност

Erdogan.webp.webp

Турскиот претседател Реџеп Таjип Ердоган денеска повика на целосно укинување на механизмот за вето во Обединетите нации, заложувајќи се за реформа на системот што, според него, ги штити интересите на само пет земји и за зајакнување на улогата на Генералното собрание на ОН.

Говорејќи пред новинарите во Турската куќа („Туркеви“) во Њујорк, по учеството на 81-та сесија на Генералното собрание на ОН, Ердоган истакна дека сегашната структура, во која волјата на повеќе од 190 земји е ограничена од правото на вето на петте постојани членки на Советот за безбедност, не може да ја гарантира глобалната стабилност и правда.


– Нека се укине механизмот за вето. Да преминеме од модел на ОН што штити само пет членки кон механизам што ги опфаќа сите држави. На светот повеќе не му требаат нови ѕидови, туку нови мостови – рече Ердоган.

Тој предложи систем со поефикасно Генерално собрание, каде што избраните членки ќе имаат мандати со определено времетраење и ќе мора повторно да ја стекнат довербата на меѓународната заедница за реизбор. Според него, целта е да се обезбеди Африка, Азија, Латинска Америка, исламскиот свет и Европа да бидат рамноправно претставени.

Осврнувајќи се на ситуацијата во Газа, турскиот претседател нагласи дека траен мир на Блискиот Исток е речиси невозможен без итен и траен прекин на огнот и обезбедување достоинствена иднина за Палестинците. Тој го обвини Израел дека ги поткопува мировните напори и ги продолжува нападите, иако останатите страни, според Еродган, вклучително и Хамас – покажале подготвеност за решение. Притоа, тој ја повика меѓународната заедница, а особено САД, да извршат притисок врз Израел за почитување на мировниот план, кој мора да вклучува и брза обнова на Газа и политички гаранции.

Во однос на црноморскиот регион, Ердоган соопшти дека Турција ги интензивира дипломатските напори за повторно воспоставување на коридорот за транспорт на жито преку Црното Море. Тој откри дека за ова прашање веќе разговарал со украинскиот претседател Володимир Зеленски, од кого добил позитивен сигнал.

– Безбедноста на Црното Море е од клучна важност за сите нас. Црното Море не е фронт во оваа војна и никогаш не смее да стане тоа – заклучи Ердоган, подвлекувајќи дека Анкара не прифаќа никакви напади врз трговски бродови, без оглед од која страна доаѓаат. 

Можете да прочитате

Во Белата куќа средба Трамп – Шји

АИ: САД го игнорираат налогот за апсење на Нетанјаху, а на Палестинците не им издаваат визи

ЕУ е загрижена поради најавите од САД за забрана за извоз на дизел