Утрински Весник
Македонија

„Не пропуштај ниту едно срцево отчукување“: Секојдневната грижа за срцето може да спаси животи

Image 2026 09 24 190058874.png

По повод Светскиот ден на срцето, Македонското здружение по кардиологија, во партнерство со Министерството за здравство, Канцеларијата на Светската здравствена организација (СЗО) во Скопје и шефицата на канцаларијата на делегацијата на Европската Унија во Р. Македонија организираше едукативен панел под мотото „Не пропуштај ниту едно срцево отчукување“, слоган на овогодишниот Светски ден на Срцето под покровителство на Светската Срцева Федерација.

Панел-дискусијата, која се одржа во „Europe House Скопје“, имаше за цел да испрати силна јавна порака за сериозноста на кардиоваскуларните болести и потребата од нивна рана превенција. Свои излагања имаа министерот за здравство Г-ин Сашо Клековски, д-р Аким Али, шеф на Канцеларијата на СЗО во Р. Македонија, шефицата на канцеларијата на делегаццијата на Европската Унија за Р. Македонија Г-ѓа Roberta Cortese, проф. д-р Ирена Митевска, претседател на Здружението за кардиологија на Северна Македонија и проф. д-р Лидија Попоска, потпретседател на Здружението. На настанот присуствуваа и претставници од Универзитетската клиника за кардиологија во Скопје, специјализанти, медицински сестри, здруженија на пациенти и медиуми.


Заедничкиот заклучок на учесниците на панелот беше дека овој настан има особено значење за Македонија, бидејќи кардиоваскуларните болести и понатаму претставуваат еден од најголемите здравствени предизвици во земјата. Тие не ги погодуваат само пациентите, туку и нивните семејства, го оптоваруваат здравствениот систем и влијаат врз целокупната општествена благосостојба.

Проф. д-р Ирена Митевска истакна дека пораката „Не пропуштај ниту еден ритам“ не треба да се разбере само како симболичен слоган, туку како јасен повик за навремена превенција, рана дијагностика и поголема грижа за срцевото здравје. Таа посочи дека Македонија се наоѓа меѓу земјите со висок кардиоваскуларен ризик, при што овие заболувања, со удел од околу 40%, се водечка причина за смртност во земјата.

Како последица на болести на циркулаторниот систем, инфаркт и мозочен удар, животот го губат секоја година околу од 20 милиони луѓе во светот. Данок на кардиоваскуларните болести во Р. Македонија е засегнатоста на се помлада популација и зголемена инвалидност на младите активни индивидуи во општеството. Потенцирано е значењето на зајанувањето на примарната превенција и примарното здравство, едукацијата за навремено препознавање на кардиоваскуларните симптоми.

Дополнителен предизвик претставува фактот што голем дел од пациентите имаат недоволно контролирани ризик-фактори, меѓу кои хипертензија, дислипидемија, дијабетес, пушење и дебелина.

Кардиолозите порачаа дека значителен дел од кардиоваскуларните заболувања може да се спречи доколку навреме се препознаат ризиците и се преземат соодветни мерки. Како клучни предуслови за заштита на срцевото здравје беа издвоени редовните превентивни прегледи, континуираната едукација, здравата исхрана, физичката активност и подобрата контрола на ризик-факторите.

Едукативниот панел е дел од глобалната кампања на Светската федерација за срце, каде е членка Македонското здружение по кардиологија, која оваа година ја нагласува потребата од поголема лична и институционална одговорност во заштитата на срцевото здравје.

Во фокусот на кампањата се навременото препознавање на симптомите кои често се игнорираат, но и поттикнувањето здрави животни навики, редовна физичка активност, балансирана исхрана, откажување од пушење и редовни превентивни прегледи. Учесниците на панелот истакнаа дека, покрај личната грижа за здравјето, неопходна е и посилна институционална посветеност преку национални стратегии, рана дијагностика, подобар пристап до скрининг, континуирана едукација за кардиоваскуларното здравје, стимулација и поголема достапност на спортски активности.

Проф. Митевска истакна дека само заеднички со инситуционална соработка, партнерство помеѓу Македонското здружение по кардиологија и министерството за здравство, здруженијата на пациенти и останатите релеванти институции можеме да направиме многу повеќе за превенција на кардиоваскуларните болести, да ги редуцираме трошковите за лекување на пациентите со срцеви болести и да обезбедиме подобар животен квалитет во нашата држава.

Можете да прочитате

Тренчевска до Хоџа: Македонија не е на распродажба – како дадовте согласност за пет рудници без да се знае нивното влијание врз животната средина

Николоски: Од март следната година нова авиолинија Дубаи -Скопје

Германец ограбен на кејот на Вардар, му одзеле ранец со лаптоп и телефон