Утрински Весник
Економија

Економските експерти на ЛДП: Дупката во буџетот е резултат на неспособност и аматеризам, а не на нафтената криза!

Ldp 960x505 1.jpg

Соопштение за јавност на ЛДП:

По деталната анализа што економските експерти на ЛДП ја направија во текот на викендот врз основа на изјавите на премиерот Христијан Мицкоски, јавноста мора да ја дознае вистината. Тврдењата на Владата дека е потребен нов ребаланс на Буџетот поради наводна дупка од 115 до 130 милиони евра (7 до 8 милијарди денари) настаната од намалената акциза и ДДВ-то за горивата се целосно неточни, манипулативни и далеку од реалноста. Бројките не се на страна на премиерот! Реалните пресметки покажуваат дека дупката од даноците за горива е во најдобар случај половина од тоа што се тврди. Сите останати десетици милиони евра се резултат на катастрофално менаџирање со буџетот, потфрлање во собирањето на буџетските приходи и зголемени, неконтролирани трошоци.


Експертите и познавачите имаат повеќе од јасни причини да не веруваат во фикциите на Владата. Толкава буџетска дупка и потребата од втор ребаланс за само неколку месеци не се последица на надворешни кризи, туку се директен одраз на лошо планирање, лошо менаџирање и неспособност. Ваквиот аматеризам, дилетантизам и драстично потфрлање во буџетските калкулации мора јавно да се признаат како грешка врз која ќе се учи или ќе се побара совет. Грешките и некадарноста не се поправаат со маскирање зад изјави за наводно несобрани даноци поради нафтената криза. Граѓаните не се должни со своите пари да ги плаќаат сметките за некадарноста на тие што ги водат институциите денес.

Владата мора веднаш да ги извади розевите очила, да престане со расфрлањето на народните пари како што се измислените функции а ла „Фетаи во Брисел”, неспособните скапо платени партиски членови на Управни Одбори како оние од „Македониумот”, купот безгласни и беспотребни заменици министри и заменици директори и кабинети, финансирањето на бесполезни партиски институти и центри за комуникации. Во Македонија мора засекогаш да прекине со непродуктивните трошења и фокусот да биде ставен на справување со сиромаштијата.

Крајно време е да се сопре и опасната политика на задолжување која служи само за фингирање на бројки за лажен економски раст, и фокусот конечно да се пренасочи кон поддршка на реалниот сектор и стопанството.

ЛДП веќе понуди јасен и конкретен пакет-политики за заштеда на државните пари: од поврат на ДДВ за горива само за македонските граѓани и бизниси, преку итно укинување на измислените министерства, заменички позиции и преплатени управни одбори, па сѐ до одземање на четирите милиони евра што партиите ги влечат од буџетот за сопствени луксузи. Овие заштедени средства мора да се пренасочат онаму каде што се најпотребни — за заштита на стандардот на граѓаните, подобрување на здравството, за студентскиот оброк и за реално намалување на давачките, наместо да се трошат за задоволување на лични хирови за власт.

ЛДП бара Владата веднаш да ги објави сите пресметки со фактуирани бројки — приход по приход и расход по расход. Државниот буџет им припаѓа на граѓаните и тие имаат право да знаат каде завршува секој нивен денар!

Можете да прочитате

Србија и Македонија ги продлабочуваат туристичките и деловните врски во пресрет на EXPO 2027 Belgrade 

Ќе го изгуби ли македонскиот работник своето место во Македонија?

Левица: Нема „економска ефикасност” во крадењето на слободното време на работникот – тоа е стара експлоатација со нов речник