
Најавата на американскиот претседател Доналд Трамп за зголемување на царините на автомобили и камиони од Европската Унија покажува дека САД се непредвидлив трговски партнер, изјави претседателот на трговскиот одбор на Европскиот парламент, Бернд Ланге.
„Последниот потег покажува колку е непредвидлива американската страна“, рече Ланге.
Тој оцени дека ваквиот пристап не е начин на кој се третираат блиски партнери.
„Сега можеме да одговориме само со целосна јасност и цврстина, потпирајќи се на силата на сопствената позиција“, додаде Ланге.
Според него, однесувањето на Трамп е „неприфатливо“, бидејќи Европската Унија се држела до рамката на трговскиот договор постигнат со САД минатата година во Шкотска. Со тој договор биле утврдени царини од 15 проценти за најголем дел од стоките од Европската Унија, со што бил избегнат поголем трговски судир.
Ланге тврди дека токму САД повеќепати го прекршиле договорот. Како пример ги посочи повеќе од 400 производи што содржат челик и алуминиум, кои сега се подложени на просечна царина од 26 проценти.
Американскиот претседател претходно најави дека неговата администрација веќе следната недела ќе ги зголеми царините за автомобили и камиони од Европската Унија на 25 проценти. Трамп го обвини Брисел дека не го почитува претходно договорениот трговски договор.
Ова е нов потег што може дополнително да ги заостри трговските односи меѓу САД и Европската Унија, особено во автомобилската индустрија, еден од најчувствителните економски сектори меѓу двете страни.


