Утрински Весник
Македонија

Ќе има прегласување во Охрид и Крушево, ДИК усвои три приговори на ВМРО-ДПМНЕ

Img 8125.jpeg

Прегласување ќе има на избирачкото место 1272 во општина Охрид, како и на избирачките места 1194 и 1202 во Крушево

Државната изборна комисија на денешната седница го прифати приговорот во врска со парламентарните избори на коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ за три избирачки места. Прегласување ќе има на избирачкото место 1272 во општина Охрид, како и на избирачките места 1194 и 1202 во Крушево.

Како што посочи претседателот на ДИК Александар Даштевски по извршеното пребројување за избирачкото место 1272 во Охрид, било утврдено дека записникот не е правилно пополнет, а имало и корекција во делот на гласачи внесени со рачен внес.

Против приговорот гласаше само потпретседателката на ДИК Дитмире Шеху, која укажа дека бројката на гласачи се совпаѓа со бројот на потписи. Таа појасни дека забелешката за резултатите од ова гласачко место всушност се однесува на записникот 16 во делот 4 кој е погрешно пополнет, а тоа е, вели, грешка која ја има речиси кај сите избирачки одбори.

Во Крушево, приговорите за двете избирачки места се усвоени поради несовпаѓање на бројките од записникот со оние од уредот за биометриска идентификација.

Претходно ДИК прифати еден приговор на коалицијата „Вреди“ кој се однесува на гласањето на избирачкото место 2102 во Желино. Како што пишува во приговорот, тој е поднесен бидејќи 110 гласачи кои го оствариле избирачкото право немале отпечаток од прст во уредот за отпечаток од прст, туку тие гласале само со матичен број и со скенирање на личната карта.

За изборните резултати до ДИК беа поднесени 27 приговори – девет од коалицијата „Вреди“, осум од ВМРО-ДПМНЕ, пет од СДСМ и четири од Левица. Претседателот на ДИК Даштевски на седница на ДИК посочи дека станува збор за групни приговори со опфатени повеќе избирачки места. 

Од коалицијата „Европски фронт“ предводена од ДУИ, обинуваат дека македонските политички партии во координација со коалицијата „Вреди“ сакаат преку ДИК да ѝ одземат еден до два пратенички мандата.

Можете да прочитате

И амбасадорот во Романија, Жерновски, повикан на консултации во МНР

На Табановце за влез во државата се чека околу еден час

Полицијата веднаш го пронајде – Виктор е најден во Кирамидница