Утрински Весник
Балкан

Две компании, една од Србија, друга од Црна Гора добија санкции од САД

Amerika 5.jpg.webp.webp

САД воведоа санкции за речиси 400 нови поединци и компании од десетици земји поради воена поддршка на Русија, вклучително и за две компании од Србија и од Црна Гора, јави дописникот на МИА од Белград.

Во соопштението од Секретаријатот за финансии, српската компанија Вентраде ДОО од Суботица извезла радија од воена класа во руската компанија Промсвјазрадио, која произведува опрема за радио емитување и увезува високоприоритетна технологија за двојна употреба во Русија, јавува Гласот на Америка.

Компанијата од Србија Вентраде ДОО е означена за санкции врз основа на извршната наредба на американската влада, бидејќи на руската компанија „Промсвјазрадио“ и давала финансиска, материјална и технолошка поддршка или и испраќала стоки и услуги.

Според податоците од Регистарот на деловни субјекти на Србија, компанијата Вентраде ДОО е основана на 6 април 2022 година, помалку од два месеци од почетокот на руската инвазија на Украина, со 120.000 динари основачки капитал, а како нејзин оснивач и директор се наведува Рената Мезнерич која е унгарски државјанин.

Од јули 2023 година, како директор и основач на компанијата регистриран е Жолт Лајгут, исто така унгарски државјанин.

Санкции се изречени и на International Business Corporation од Бар, сопственост на рускиот државјанин Сергеј Кокорев, поради извоз на воена опрема од Црна Гора во Русија.

Како што се наведува во соопштението, Кокорев ја користел компанијата за претовар на машински центри и топчести лежишта од европско потекло за клиентите во Русија, меѓу кои и компанијата АМС Техника, која учествува во дистрибуција на големо на индустриски машини и опрема.

Од поменатите 400 санкционирани поединци и компании, Министерството за финансии на САД санкционираше 274 компании и поединци, Стејт департментот воведе санкции за повеќе од 120, а Министерството за трговија додаде уште 40 компании и истражувачки институции на листата на оние кои ќе се соочат со трговски последици поради наводната поддршка за руската армија.

Потегот на американската влада е досега најголемата акција за сузбивање на избегнувањето санкции преку трети земји, изјави претставник на Стејт департментот. Санкциите вклучуваат десетици компании од Кина, Хонг Конг и Индија, што е најголем број досега опфатени со истиот пакет санкции.

Со мерките се опфатени и компании и поединци во Русија, Обединетите Арапски Емирати, Тајланд, Малезија, Швајцарија и други земји.

Можете да прочитате

Уапсено уште едно лице поради уривањето на настрешницата на Железничката станица во Нови Сад

Рама на средба со албанската дијаспора во Лондон, пречекан со протест

Детали за експлозијата во Хрватска: Бомба му експлодирала во рака на забава – Почина 25-годишник, четири лица, меѓу кои и малолетничка, се тешко повредени