
Во првите шест месеци од оваа година, Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот Св. Апостол Павле Охрид опслужија 1.955.648 патници, што е зголемување од 28 проценти во однос на истиот период лани и реализираа 13.167 летови, што е раст од 7,6 проценти.
Само во јуни, скопскиот и охридскиот аеродром заедно имале за 15,6% повеќе патници (374.714) во однос на истиот период лани.
– Растот од 28 процентина бројот на патници во првите шест месеци од 2026 година претставува извонреден резултат и јасна потврда дека македонските аеродроми се наоѓаат на патека на силен и одржлив развој. Во воздухопловната индустрија, двоцифрен раст на патничкиот сообраќај е показател за успешна стратегија, зголемена доверба од патниците и атрактивност како дестинации за авиокомпаниите. Фактот што Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот Св. Апостол Павле Охрид заедно опслужија речиси два милиона патници за само шест месеци, истовремено бележејќи и раст од 7,6 проценти на бројот на летови е резултат на нашата посветеност за развојот на воздушната поврзаност, континуираното унапредување на услугите и успешната соработка со нашите партнери. Остануваме фокусирани на создавање нови можности за раст, проширување на мрежата на дестинации и обезбедување квалитетно патничко искуство, со цел македонските аеродроми да продолжат да ги надминуваат очекувањата и во наредниот период, вели во пишана изјава Неџат Курт, генерален директор на ТАВ Македонија.
Полугодишните статистички податоци на ТАВ Македонија покажуваат дека во првите шест месеци најфрекфентна дестинација од Меѓународниот Аеродром Скопје е Истанбул (двата аеродрома ИГА и Сабиха Гокчен со 14,2 проценти пазарен удел), а потоа следат Минхен Меминген (4,5 проценти), Базел Милуз (4,4 проценти), Дортмунд (4,1 проценти), Цирих (4 проценти) и Франкфурт (3,9 проценти).
Топ-пет земји до кои има најмногу директни летови од Скопје се Германија (28,5 проценти пазарен удел во вкупниот патнички сообраќај), Турција (18 проценти), Швајцарија (9,3 проценти), Италија (8,2 проценти) и Шведска (5,8 проценти).
Ако се разгледуваат бројките за Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот Свети Апостол Павле одделно, скопскиот аеродром има годишен висок пораст за 28,6 проценти и во првите шест месеци годинава преку него се превезени вкупно 1,833,010 патници. Во истиот период, на овој аеродром биле реализирани 12,260 летови што е за 6,5 проценти повеќе споредено со истиот период лани.О охридскиот аеродром бележи пораст од високи 18,2 проценти со превезени 122,638 од јануари до јуни. Во овој период, биле реализирани 907 летови што е зголемување за 26 проценти.



