
Бугарија нема да ја екстрадира 23-годишната Ива Михајлова во Македонија, и покрај меѓународната потерница распишана по неа. Бугарскиот министер за внатрешни работи Иван Демерџиев потврди дека властите во Софија го примиле барањето од македонските институции, но дека нема да постапат по него, повикувајќи се на бугарското државјанство на Михајлова.

Дополнително внимание предизвика изјавата на Демерџиев, кој, говорејќи за случајот, македонските власти ги нарече „српски“, а потоа оцени дека не направил голема грешка.
„Ниту ќе ја бараме, ниту ќе ја предадеме на српските власти. Имаме причина, таа е граѓанин на Бугарија, поради што стриктно ги применивме соодветните процедури и закони“, изјави Демерџиев во поткастот на бугарскиот новинар Мартин Карбовски.
На прашањето на водителот дали станува збор за ненамерна грешка или намерно споменување на Србија наместо Македонија, бугарскиот министер призна дека погрешил, но додаде дека тоа „не е толку голема грешка“.
Демерџиев потврди дека барањето за пронаоѓање и екстрадиција на Михајлова пристигнало до бугарската Дирекција за меѓународна оперативна соработка, но дека одговорот на бугарските власти е негативен. Како главна причина го наведе фактот што 23-годишната девојка поседува бугарско државјанство.
Претходно, бугарското Министерство за внатрешни работи соопшти дека на 13 октомври добило известување од Интерпол – Скопје, со кое се бара меѓународно пронаоѓање, апсење и екстрадиција на Михајлова.
Бугарските институции се повикуваат на одредбите од Уставот и Европската конвенција за екстрадиција, кои предвидуваат можност државите да одбијат предавање на сопствени државјани.
Во меѓувреме, македонските истражни органи продолжуваат да утврдуваат како Михајлова успеала да ја напушти Македонија и да пристигне во Бугарија, без нејзиното заминување да биде евидентирано на официјалните гранични премини.
Михајлова претходно во изјави за бугарските медиуми тврдеше дека легално ја преминала границата, користејќи лична карта. Сепак, македонското Министерство за внатрешни работи соопшти дека во официјалните евиденции не постои регистриран излез од државата на нејзино име.
И бугарската гранична полиција потврди дека нема податоци за нејзино преминување преку македонско-бугарските гранични премини, што дополнително го отвора прашањето за начинот на кој ја напуштила земјата.
По 23-годишната Михајлова е распишана меѓународна потерница, а Основниот суд во Кочани ѝ определи мерка притвор во отсуство.
Таа е обвинета во предметот поврзан со сообраќајната несреќа во која животот го загуби 33-годишниот Бесим Дурмиши од скопското село Љуботен.
Случајот веќе предизвика и дипломатски реакции меѓу Македонија и Бугарија. Македонското Министерство за надворешни работи го повика бугарскиот амбасадор, додека премиерот Христијан Мицкоски најави дека прашањето ќе биде отворено и пред меѓународните партнери.
Со одбивањето на Софија да ја екстрадира Михајлова, македонските институции се соочуваат со дополнителен предизвик во обезбедувањето на нејзиното присуство во судската постапка.
Истовремено, остануваат неодговорени прашањата како обвинетата успеала да ја напушти Македонија без евидентиран граничен премин и дали некој ѝ помогнал во заминувањето.

Одлуката на бугарските власти дополнително го усложнува случајот, кој од кривично-правно прашање прерасна и во тема на дипломатски односи меѓу Скопје и Софија.

