До Управниот суд синоќа била поднесена тужба од коалицијата ВЛЕН за резултатите од парламентарните избори, против одлуката на Државната изборна комисија. Оттаму информираат дека оформен е предмет и се преземаат сите процесни дејствија, согласно роковите определени во Изборниот законик.
И од ДУИ велат дека доставиле тужби до Управниот суд по усвоените 7 приговори од Државната изборна комисија, шест во петтата изборна единица и еден во шестата изборна единица.
Од ВЛЕН сметаат дека прифаќањето на приговорите во петката и шестката е потврда на изборните манипулации на Европскиот фронт, предводен од ДУИ. Од таму пак возвраќаат дека тоа значело оспорување на нивниот легитимитет и волјата на гласачите. Од ДУИ најавија и пријави против членовите на ДИК.
Дали ќе има прегласување на 22-ри мај ќе зависи од одлуките на Управниот суд и од симулацијата на Државната изборна комисија дали може да влијае на освоените пратенички мандати.
Управниот суд има 48 часа за да одлучи по приговорите. Решението е конечно, како и во случајот со претседателските избори. Од Државната изборна комисија велат дека конечните, официјални резултати ќе ги соопштат веднаш или најдоцна за 24 часа по завршување на целата процедура.