Утрински Весник
Македонија

ДУИ: Граѓанска иницијатива за заштита на Охридскиот мировен договор

Dui Mala Rechica 623x330 1.jpg

Во сабота започнува граѓанска иницијатива за заштита на Охридскиот мировен договор. Тетово ќе биде местото каде што илјадници граѓани ќе се соберат на мирен и достоинствен протест за да го одбранат уставниот поредок, правната сигурност и вредностите што веќе 25 години обезбедуваат мир, стабилност и добри меѓуетнички односи во Република Северна Македонија, се вели во соопштението од ДУИ.

Повод за протестот е одлуката на Уставниот суд за именувањето на улиците во Тетово, но од ДУИ оценуваат дека незадоволството е пошироко, бидејќи, како што велат, постои и загриженост поради намалување на правата и механизмите што произлегуваат од Охридскиот рамковен договор


„Подолго време постои чувство дека постепено се намалуваат правата и механизмите што произлегуваат од Охридскиот мировен договор. Секоја нова одлука ја зголемува загриженоста, а сите заедно покажуваат дека е потребна граѓанска реакција“, велат од партијата.

Од партијата потсетуваат дека Советот на Општина Тетово ја донесе одлуката за именување на улиците со потребното двојно мнозинство и дека таа била доставена до Владата, која, како што велат, не се произнела во законскиот рок.

Поради тоа, велат дека одлуката продолжила да важи и била дел од правниот поредок две децении.

„Според Законот за локална самоуправа, ако Владата не постапи навреме, тоа се смета како согласност со одлуката на општината. За да нема никакви дилеми, Советот уште еднаш ја изгласа истата одлука. И тогаш Владата не реагираше. Со тоа, повторно настапи истото правно дејство предвидено со закон. Оваа одлука беше дел од правниот поредок на државата цели 20 години“.

Потоа, додаваaт дека Уставниот суд одлучил повторно да го разгледува случајот и во текот на постапката побара дополнителни информации и документи од Општина Тетово.

„Општината не одговори и не ја бранеше својата одлука. Таквиот однос има сериозни последици и некој треба да понесе одговорност“, велат од ДУИ.

„Одлуката на Уставниот суд создава важен преседан. За првпат се преиспитува одлука што важела и произведувала правни последици две децении. Тоа отвора прашања за правната сигурност и за тоа како во иднина ќе се третираат и други прашања поврзани со Охридскиот мировен договор“, пишува во партиското соопштение.

Од ДУИ додаваат дека граѓаните имаат право да бараат одлуките на институциите да бидат во согласност со Уставот и да го зачуваат Охридскиот мировен договор како основа за соживот и за европската иднина на државата.

„Во наредниот период Уставниот суд ќе одлучува и за Законот за употреба на јазиците. Граѓаните имаат право да бараат овие одлуки да се носат во согласност со Уставот, со Охридскиот мировен договор и со принципот на правна сигурност“, додават оттаму.

„Секоја држава има моменти кога граѓаните застануваат во одбрана на своите вредности. Веруваме дека оваа сабота ќе биде еден таков момент“, се вели во партиското соопштение.

Можете да прочитате

Сиљановска Давкова: Кредибилен партнер сме на НАТО, да се надмине лавиринтот на патот кон ЕУ

Приведен 59-годишен маж, допирал по телото жена во продавница

ДПМНЕ ги одби амандманите на Левица за GPS контрола на службените возила, подобри услови за полицијата, конзулат во Корча и почеток на проектот ,,Чебрен”