Во Собранието се очекува денеска да почне расправата по Дополнетиот предлог на буџет на Република Северна Македонија за 2025 година, како дел од дневниот ред на 22-та седница. Амандманската расправа за Предлог буџетот заврши на 29 ноември, а во Дополнетиот предлог на буџетот се вградени прифатените амандмани и потребните изменувања и дополнувања.
Согласно Деловникот за работа на Собранието, претресот по Дополнетиот предлог на буџетот на седница на Собрание трае најмногу пет дена. Пратеникот во текот на претресот може да говори повеќе пати во траење од вкупно 20 минути, а координатор на пратеничка група вкупно 30 минути. Претставникот на Владата може да говори повеќе пати, но не повеќе од 30 минути вкупно.
Со Предлог буџетот се предвидува раст на економијата од 3,7 проценти и според Владата, тој е развоен, поткрепен со планирани средства за капитални инвестиции, проекти на општините и поддршка на стопанството. Вкупните приходи се планирани на ниво од 358,8 милијарди денари, а расходите на ниво од 400,2 милијарда денари. Буџетскиот дефицит, пак,со апсолутен износ од 41,350 милиони денари или 4 проценти од планираниот БДП.
Инфлацијата се очекува да се намали на 2,2 процента како резултат на стабилизирањето на цените на основните прехранбени производи и на енергенсите на меѓународниот пазар, забавувањето на странската ефективна инфлација и поумерениот притисок од базичната инфлација.
За извозот проекции за раст од 4,2 отсто, а за увозот од 4,4 проценти.
За капитални инвестиции се планирани 50,5 милијарди денари, како и 349,6 милијарди денари за тековни расходи, како исплата на плати, на пензии, социјални права, субвенции во земјоделството, поддршка на мали и средни претпријатија, на ранливи категории граѓани и за стопанството.
. . Расходите за плати се на ниво од 48,1 милијарда денари и бележат раст од 8 проценти, а за стоки и услуги 26,2 милијарди денари со намалување од 0,5 проценти во структурата на вкупните расходи.
За исплата на пензии се планирани 105,5 милијарди денари со кои се обезбедуваат средства за најавеното зголемување на пензиите за 2,500 денари од март следната година.
За надоместоци за социјална заштита околу 14,5 милијарди денари, за паричен надомест во случај на невработеност 1,6 милијарди денари, а за спроведување активни политики и мерки за вработување 2,3 милијарди денари.
Повеќе средства се обезбедени за здравствена заштита, односно 52,5 милијарди денари или за 10,7 проценти повеќе.
Поддршката во земјоделството е планирана на ниво од 8 милијарди денари, додека трансферите до единиците за локална самоуправа на ниво од 33,2 милијарди денари или за 2,5 милијарди денари повеќе.
Владата викендот објави дека во третиот квартал годинава БДП бележи раст од 3 проценти и оти за половина година успеала да ја консолидира економијата.
– Како Влада очекуваме раст на БДП и во четвртиот квартал со што на годишно ниво би се доближиле од 3 проценти, што е многу повеќе од предвидените 1,8 проценти на Светска Банка. Како Влада преземаме активности и насочени сме кон реализација на капитални инвестиции, како и привлекување на странски директни инвестиции се со цел да ја придвижиме економијата и да поттикнеме економскиот развој. Ветивме и се обврзавме како Владата дека ќе ја трансформираме Македонија напред, информираа од Владата.
Институтот за економски истражувања и политики Фајнанс тинк во Макроекономскиот монитор за третиот квартал наведува дека БДП се зголеми за 3 проценти на годишна основа, како резултат на благото забрзување на приватната потрошувачка (1,9 проценти) и значајното интензивирање на јавната потрошувачка (13,3 проценти).
– Последното, пак, следи по значајното продлабочување на буџетскиот дефицит од 5,8 процети за првото полугодие од годината, иако самиот трет квартал од 2024 заврши со скоро врамнотежен буџет (-0,5 проценти). Додека, бруто инвестициите (0,6 проценти), извозот (0 проценти) и увозот (0 проценти) стагнираат во третиот квартал, по падовите кои ги искусија низ целата 2023 и првото полугодие од 2024 година. На производната страна, растот во овој квартал е скоро во целост воден од трговијата (10,6 проценти), како најголем сектор според номиналниот придонес кон додадената вредност, додека евидентен е падот на вториот по големина сектор, индустријата (-4,6 проценти), укажува Фајнанс тинк.
Институтот посочува дека невработеноста во третиот квартал од 2024 понатамошно благо се намали на 12,3 проценти, а инфлацијата забави на 2,6 проценти (по благото забрзување на 3,9 процети) на годишна основа. Овие тенденции кај цените се во линија со очекувањата за целата 2024 година, за што во прилог оди благото олабавување на притисоците од страната на платите (благо забавен раст од 11,9 проценти и стагнација во однос на претходниот квартал). Но, потенцијални варијации кај цените на одредни групи производи и потезите на фискалната политика налагаат потреба од понатамошна претпазливост во однос на инфлацијата, укажува Фајнанс тинк.
Позитивната динамика на економијата, според Фајнанс тинк, се очекува да продолжи до крајот на година и во првите квартали од 2025.
Finance Think останува на проекциите за раст на БДП во 2024 од 2,7 процети и за раст на цените од 3,8 проценти. Проекциите за 2025 се: раст на БДП од 3,5 проценти и раст на цените од 2,4 проценти.