Утрински Весник
Македонија

ДОМ: Струмичката Котлина не смее да се претвори во рударска зона

Dom.webp.webp

Соопштение на ДОМ:

Населението што живее во Струмичката Котлина мора да има суштински глас во одлуките за иднината на својот простор. Не може развојот на еден од најзначајните земјоделски региони во државата да се планира без сериозно да се земат предвид интересите на локалното население, земјоделството, водите и животната средина.


Во Нацрт-просторниот план до 2040 година повторно ги гледаме Иловица-Штука и Казандол, но и Плавица, Кадиица и Луке, како локации за рударски развој.

Тоа што на одредена локација е утврдено присуство на минерална суровина и таа е опфатена со просторната и планската документација, само по себе не значи автоматско отворање рудник. За реализација на конкретен рударски проект потребни се дополнителни постапки, дозволи и исполнување на законските услови.

Но токму затоа сега е моментот да се постави јасно прашањето: каква иднина планираме за овој простор?

Пред години ДОМ застана со граѓаните против рудниците Иловица-Штука и Казандол. Баравме ревизија на концесиите и студиите за влијание врз животната средина и се изборивме за законски решенија со кои се спречува отворање на опасни рудници со отворен коп и употреба на цијаниди и сулфурна киселина.

Уште во 2017 година ДОМ предупредуваше дека рударството не оди заедно со заштитата на земјоделието и развојот на туризмот и бараше долгорочните развојни стратегии да се насочат кон зелена економија, чисти технологии и заштита на водите и почвите.

Барањата на ДОМ се јасни:

– суштинско учество на локалното население во одлучувањето;

– целосна процена на кумулативното влијание врз водите, почвата, земјоделието и здравјето на граѓаните;

– највисоки еколошки стандарди и целосна транспарентност;

– рударските локации да не се третираат како однапред определена развојна опција.

Струмичката Котлина е простор на плодна земја, развиено земјоделско производство и значајни водни ресурси. Секое планирање на рударски активности мора да ги земе предвид овие вредности и потенцијалните кумулативни влијанија врз нив.

На Македонија не ѝ е потребен развој што ги жртвува плодните земјишта, водата и земјоделството.

ДОМ останува на истата страна: на страната на граѓаните, здравата животна средина и одржливиот развој.

Можете да прочитате

Малолетници нападнале, соблекле и снимале прваче во соблекувална на училишна спортска сала во Кочани

Тошковски: „Безбеден град” во Охридскиот регион стартува од 12 октомври

Кривична за три лица, организирале борба со кучиња