Утрински Весник
Свет

До мај 2024 присилно раселени 120 милиони лица – УНХЦР предупредува да нема апатија и недејствување среде најголемото присилно раселување

20240613083012 Big 730x400 43.webp.webp

Присилното раселување се искачи на највисоко ново ниво во светот минатата и оваа година, покажуваат податоците од  годишниот Извештај од 2024 за глобалните трендови, клучна публикација на Агенцијата на ОН за бегалци – УНХЦР.

Во извештајот се посочува дека растот во глобалното присилно раселување се искачил на 120 милиони лица до мај 2024 година, кое како што велат, беше дванаесетто последователно годишно зголемување и е резултат на нови конфликти и на конфликти кои се менуваат, како и на неуспехот да се најде решение за продолжените кризи.

Бројката на светската раселена популација е еднаква на дванаесеттата најголема држава во светот, околу големината на Јапонија.

Според извештајот, најголемото зголемување во бројките на раселување доаѓа од луѓето кои бегаат од конфликт, а остануваат во сопствената држава, кој се искачи на 68,3 милиони лица според Центарот за мониторинг на внатрешното раселување – повисок за речиси 50 отсто за пет години.

Посочуваат дека бројот на бегалци и други на кои им е потребна меѓународна заштита се искачи на 43,4 милиони, вклучувајќи ги лицата под мандатите на УНХЦР и УНРВА.

Најголемиот дел од бегалците се згрижени во држави од нивното соседство, а 75 отсто од нив живеат во држави со низок и среден приход кои заедно произведуваат помалку од 20 отсто од светскиот приход.

Извештајот покажува дека низ светот повеќе од 5 милиони внатрешно раселени лица и 1 милион бегалци се вратиле дома во 2023 година.

Овие бројки, велат, покажуваат некој напредок кон подолготрајни решенија. Позитивно е дека преселувањата во трета држава се зголемија на речиси 160. 000 во 2023 година.

Посочуваат дека клучен фактор што ја зголемува бројката е разорниот конфликт во Судан – на крајот на 2023 година вкупно 10,8 милиони Суданци беа раселени.

Во Демократската Република Конго и Мјанмар, милиони луѓе биле внатрешно раселени минатата година заради брутални борби.

УНРВА проценува дека до крајот на минатата година до 1,7 милиони лица (75 отсто од популацијата) биле раселени во Појасот Газа како резултат на катастрофалното насилство, од кои најголемиот број беа палестински бегалци.

Посочуваат дека Сирија останува најголемата криза на раселување во светот, со 13,8 милиони присилно раселени лица внатре и надор од државата.

Извештајот, исто така, нуди нова анализа на климатската криза и како таа забрзано и непропорционално влијае на присилно раселените луѓе.

Филипо Гранди, високиот комесар на ОН за бегалци нагласува дека зад овие страшни и растечки бројки се кријат безброј човечки трагедии.

Тој вели дека тоа страдање мора да ја поттикне меѓународната заедница да делува итно за да ги отстрани причините на присилното раселување.

-Крајно време е завојуваните страни да ги почитуваат основните закони на војувањето и меѓународното право.

Факт е дека без подобра соработка и заеднички напори за да се решат конфликтите, прекршувањата на човековите права и климатската криза, бројките на раселени лица ќе продолжат да растат, а со тоа ќе носат и нови маки и скапи хуманитарни акции.

На бегалците – и на заедниците кои се нивни домаќини – потребни им се солидарност и подадена рака. Тие можат и придонесуваат кон општествата каде што се вклучени, рече тој.

Гранди потенцира дека еднакво важно е тоа што минатата година милиони луѓе се вратиле дома, што, како што вели претставува важен зрак надеж.

-Решенијата постојат – гледаме држави како Кенија кои го предводат патот на вклучување на бегалците – но, потребна е вистинска посветеност“, вели Гранди.

Од УНХЦР посочуваат дека остануваат цврсто посветени на својата заложба да обезбедува нови пристапи и решенија за да им помогне на лицата кои се присилени да избегаат од своите домови, каде и да се.

Можете да прочитате

Американскиот суд го ослободи Асанж по спогодбата за признавање вина

Русија и Украина разменија по 90 затвореници

НАТО утре формално ќе го назначи Руте за следен шеф