Утрински Весник
Македонија

Мицкоски: До крајот на неделата технички исправна вода, а следната недела и за пиење во Гостивар

Img 0059.jpeg

Жителите на Гостивар би можеле веќе до крајот на оваа недела да добијат технички исправна вода, додека доколку сè се одвива според планираниот распоред, водата за пиење ќе биде безбедна кон крајот на следната недела, најави премиерот Христијан Мицкоски.

Одговарајќи на новинарско прашање при пуштањето во употреба на реконструираниот градски базен во Кавадарци, Мицкоски посочи дека процесот на санација на водоводниот систем во Гостивар се одвива според предвидената динамика и дека на терен интензивно работат стручни екипи од ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје.

„Доколку сè се одвива според предвидената динамика, до крајот на оваа недела ќе имаме технички исправна вода. Потоа ќе следува целосно плакнење на водоводниот систем, за да се обезбеди вода со соодветно ниво на хлор, најпрво за техничка употреба, а планот е кон крајот на следната недела да биде безбедна и за пиење“, изјави премиерот.

Според него, по добивањето технички исправна вода ќе следува дополнителен процес на прочистување и плакнење на целокупната водоводна мрежа, со цел да се гарантира дека водата ќе биде целосно безбедна за употреба од страна на граѓаните.

Мицкоски нагласи дека, иако решавањето на проблемот со водоснабдувањето во Гостивар не е директна надлежност на Владата, институциите се целосно ангажирани за што побрзо надминување на кризата.

„Ќе направиме сè што е потребно системот повторно да биде целосно функционален и граѓаните да добијат безбедна вода за употреба во најкус можен рок“, порача премиерот.

Во меѓувреме, стручните тимови продолжуваат со активностите на терен, а институциите остануваат во координација за следење на квалитетот на водата во сите фази од процесот на санација.

Можете да прочитате

Минчев: Продолжува партнерската соработка за унапредување на реформата на јавната администрација

Татко по расправија го зел 10-месечното бебе и го одвел во Швајцарија

Малолетник се опил до бесвест, кривична за сопственик на локал во Охрид