Утрински Весник
Македонија

Денес пред нас е уште еден тест на политичкиот плурализам – Уставниот суд повторно одлучува за цензурата врз Левица

Ustaven Sud.webp.webp

Соопштение на Левица:

Денес во 9:30 часот Уставниот суд повторно ќе расправа и ќе одлучува по иницијативите на Левица за уставноста на одредбите од Изборниот законик со кои партијата беше исклучена од платеното политичко рекламирање. На јулската седница Судот не обезбеди мнозинство за одлука и предметот остана отворен. Оттогаш поминаа повеќе од два месеци – доволно време спорниот случај повторно да се разгледа, аргументите да се прочитаат и да се утврди дали навистина постои уставно оправдување за правило со кое една парламентарна партија е ставена во нерамноправна положба.


Во меѓувреме се промени и составот на Судот. По оставката на Гоце Наумовски, на негово место е избрана Мери Дика Георгиевска, предложена од Судскиот совет и поддржана од владејачкото мнозинство предводено од ДПМНЕ. Така, денес за истото прашање повторно ќе гласа изменет состав на Судот. Се надеваме дека времето поминато од јулската седница било доволно за спорната норма да се согледа од нејзината суштина, а не од политичката удобност што ја создава.

Затоа што прилично е едноставно: членови од Изборниот законик создадоа ситуација во која Левица како парламентарна партија не можеше да го користи платеното политичко рекламирање на телевизии, радија, интернет-портали и билборди, додека таквата можност им беше достапна на останатите политички субјекти. Кога на еден политички субјект му се затвора медиумскиот простор што на другите им е отворен, прашањето неизбежно станува прашање на политички плурализам и еднаквост во изборниот натпревар.

На јулската седница дел од судиите го отворија токму ова прашање – дали еднаквоста на политичките субјекти може да остане само декларативна ако законодавството создава различни услови за нивниот настап пред граѓаните. Наспроти тоа, беа слушнати и аргументи за правни празнини, политички договори и надлежноста на Собранието да ги поправи спорните одредби. Но, ако нормата е спротивна на Уставот, фактот дека политичкиот систем се навикнал на неа не може да биде алиби за нејзино зачувување.

А особено е тенденциозно ова прашање постојано да се сведува на пари. Амар Мециновиќ на локалните избори во 2025 година имаше нула денари платено политичко рекламирање, па сепак влезе во вториот круг за градоначалник на Скопје. Значи, спорот не е околу тоа колку средства ќе добие Левица, туку зошто на Левица со закон ѝ беше затворен пристапот до рекламниот простор што им беше достапен на политичките конкуренти.

Откако беше изваден од фиока, предметот еднаш веќе беше оставен без одлука. Месеци подоцна повторно е на маса, со променет состав на Судот. Сега веќе нема простор за дополнително одложување зад правни празнини и политички калкулации. Уставниот суд треба да одговори на конкретно уставно прашање: дали е дозволено изборните правила селективно да создаваат нееднакви услови за политички натпревар. Одговорот на ова прашање нема да биде важен само за Левица, туку и за тоа какви правила ќе важат за секој политички субјект што утре ќе се најде во истата положба.

Можете да прочитате

Фадиљ Пушкољи приведен во Македонија, неколку часа подоцна ослободен

Одбележување на 20-годишнината од смртта на Петре М. Андреевски

Јаневска: Двата недовршени објекти на УКИМ ќе бидат за ФИНКИ и ќе се поврзат со мост