
Четири подрачни основни училишта во Општина Делчево привремено ќе престанат со работа поради драстично намалениот број ученици и високите трошоци за нивно одржување. Одлуката е донесена на 15. седница на Советот на Општина Делчево, во рамки на оптимизацијата на училишната мрежа.
Станува збор за подрачните училишта во селата Габрово, Ѕвегор, Стамер и Вирче.
Како што беше образложено пред советниците, годишните трошоци за плати, електрична енергија, вода и огрев во четирите училишта изнесуваат околу 10 милиони денари, додека бројот на деца континуирано се намалува.
Како еден од највпечатливите примери беше посочено училиштето во Ѕвегор, каде што од четири ученици, три веќе се запишуваат во централното училиште. Во дел од селските училишта наставата се одвива и во комбинирани паралелки со само неколку ученици.
На одлуката ѝ претходеле анализи и разговори со родителите. Учениците ќе го продолжат образованието во централните училишта „Ванчо Прке“ и „Св. Климент Охридски“, согласно договорените решенија.
Од Општината нагласуваат дека училиштата не се затвораат трајно, туку станува збор за привремен престанок со работа. Доколку во иднина повторно се зголеми бројот на деца, постои можност тие повторно да бидат активирани.
Наставниците вработени на неопределено време ќе бидат задржани, додека договорите на определено време нема да бидат продолжени доколку нема потреба од нивен ангажман.


