Утрински Весник
Македонија

ПИПЕРКИТЕ ЗАВРШУВААТ ПОД ТРАКТОР: Откупот 15 денари, производството чини 26

Piperki unistuvanje.jpg

Револт на македонските ниви – наместо на откупните пунктови, дел од пиперките завршуваат под тракторите. Земјоделците почнаа да го уништуваат сопствениот род, откако откупната цена на пиперката падна на само 15 денари за килограм.

Производителите велат дека по оваа цена не можат да ги покријат ниту основните трошоци за производство и дека повеќе им се исплати пиперката да ја изораат отколку да ја предадат на откупувачите.


Според нивните пресметки, производството на еден килограм пиперка чини околу 26 денари, во што влегуваат семето, ѓубривата, препаратите, наводнувањето, горивото и работната сила. Со откупна цена од 15 денари, земјоделците велат дека за секој продаден килограм директно работат со загуба.

Особено се револтирани производителите на „куртовска капија“. Според претходните најави, првата класа требало да се откупува по цена од 40 денари за килограм, но земјоделците тврдат дека на дел од пунктовите и најквалитетната пиперка се презема за само 15 до 18 денари.

„На пунктовите знаат дека на земјоделците ќе им скапат пиперките и затоа ја држат цената долу. По еден месец, кога ќе нема пиперки, тогаш ќе ти даваат и по 80 денари за килограм, ама тогаш ќе нема пипер и џабе ти е. Најубавата пиперка што не е скапана ти ја земаат за 18 денари од килограм. Па не е фер“, велат револтирани земјоделци.

Тие посочуваат и на големата разлика со цените во регионот, тврдејќи дека во соседните земји црвената пиперка се откупува и за околу едно евро, односно околу 60 денари за килограм.

Како дополнителен удар врз домашното производство ги посочуваат повисоките субвенции што ги добиваат производителите во дел од земјите од регионот, поради што македонските земјоделци, според нив, потешко можат да бидат конкурентни на странските пазари.

Проблем е и пласманот. Производителите посочуваат дека неодамна биле вратени девет тони македонски пиперки, а заедно со претходно вратени 11,6 тони, количината достигнала околу 20 тони.

Земјоделците од Пелагонија велат дека се доведени во безизлезна ситуација – ако не ја продадат пиперката веднаш, таа ќе презрее и ќе скапе, а ако ја предадат по сегашната цена, не можат да ги покријат вложувањата.

„Министерот излегува и вели дека прва класа ќе биде 40 денари. Нека помине по селата, нека ги прошета пунктовите, па да видиме дали е 40 или 15 денари најубавата пиперка. Земјоделецот сега е стегнат со пиперот – му гори, му скапува и мора да го даде од нива. Откупувачите знаат дека пиперките ќе скапат и затоа ја држат цената ваква“, велат производителите.

Поради ваквата состојба, дел од земјоделците одлучиле воопшто да не го предаваат родот. Наместо пиперките да завршат на пазарите и во преработувачките капацитети, тракторите ги газат и ги заоруваат назад во нивите.

Производителите бараат итна реакција и почитување на договорените откупни цени, предупредувајќи дека со сегашната цена земјоделското производство станува економски неодржливо.

Можете да прочитате

Тренчевска: Стоилковиќ не е достоен да биде министер – дали ќе се извини и ќе поднесе оставка за навредите кон  пратениците и граѓаните? 

Огнот проголта 20 дуќани во Шуто Оризари – зад себе остави само пепел

Зел 7.500 па побарал уште 10.000 евра мито, се бара притвор за помошник директорот во Царина