Центарот за управување со кризи (ЦУК) информира дека имало вкупно 1 477 повици на Единствениот повикувачки број за итни случаи 112 во ЦУК во последното деноноќие, од коишто „реални“ повици биле 63,10%, а 36,90% биле за други потреби на граѓаните што не биле итни. Кон Полиција биле упатени 52,24%, кон Итната медицинска помош 30,85%, а кон пожарникарите 0,50%, од реалните повици кон 112 во ЦУК. Инаку, имало 578 повици за итни случаи на 112 за во ЦУК, што се вкупен збир од тие што биле за комбинирано решавање од „реалните“ повици (16,42%) и на тие што се именувани како „неитни повици“(36,90%). Сите тие биле предмет на примање, на обработка во ЦУК, а и на директно координирање за нивно решавање со институции и служби во Системот за управување со кризи (СУК).
Во ЦУК, вчера, имаше повеќе дојави за поплавувања и штети од пороен дожд, град, а и од ветер, на објекти, куќи, земјоделски површини, на патишта и на автомобили во државата.
Регионалниот ЦУК Куманово, информираше дека поради обилните поројни врнежи од дожд и од град во Липковскиот регион на ден 21.05.2024 година, имаше зголемување на нивото на Липковска Река, заради што дојде до заматување на водата за пиење. Заради тоа во текот на вчерашниот ден 22.05.2024 година, беше прекината дистрибуцијата на водата до граѓаните, се до моментот на надминување на состојбата. Од страна на ЦУК вчера ано утрото, беше побарано инспекциските служби и Центарот за јавно здравје Куманово да излезат на лице место, направат увид, земат мостри за анализа и да донесат соодветно решение за понатамошна постапка, а до тогаш пепорача превентивно водата од водововод превентивно да не се пие, што веднаш утрово беше пренесено брзо и ефинасно од медиумите. Инаку, вчера, после седницата што почна околу 12.00 часот на Општинскиот штаб за заштита и спасување во Куманово, беа донесени следните заклучоци и препораки:
Главен проблем претставува заматување на вода во водоснабдувачкиот систем заради обилни дождови. Заради истото, водата која се доставува во водоводната мрежа во Куманово, исто така е заматена. Препорака до граѓаните, водата да се користи како техничка вода, или истата да не се користи без зовривање. Препораката останува се додека не се установи дека истата е безбедна за пиење.
Се задолжува Општинскиот Штаб за заштита и спасување да достави барање до надлежни институции (Агенција за храна и ветеринарство и Центар за јавно здравје) за добивање на решение за употреба на вода во водоводниот систем како техничка.
Во Општина Ранковце, заради врнежите од дожд на ден има зголемување на водостојот и излевање на Крива Река во атарот на с.Опила. Од Општина Ранковце по увид на лице место, каде што е една нива и импровизирано игралиште се поплавени, е констатирано дека тоа е нерасчистеното корито од широко распространетата вегетација. Мерки за расчистување Општина Ранковце ќе преземе веднаш по смирување на водата во речното корито и повлекување на истата.
Во Општина Кратово, согласно и добиени информации од граѓани, дел од патот кај месноста „База“, пред мостот кон с.Куклица, Крива река поради зголемен водостој е излеана и е поплавен дел од патот. Висината на водата во тој дел од патот е околу 30 см, па сообраќајот се одвива отежнато.
Регионалниот ЦУК Скопје, известува дека преку Единствениот повикувачки број за итни случаи 122 се добиени различни пријави заради обилните врнежи дожд и град и тоа:
Во 13.41 часот, пријава за поплава на дел од земјоделско земјиште, како последица од излевање на Маркова Река, во близина на мостот на ул.„Горно Лисиче“ бб (Општина Аеродром);
Во 13.41 часот, пријава дека каналот одводен на локација ул.„Финска“ во населбата „Ченто“ е затрупан и обраснат со дива вегетација. Како што посочува пријавителот на двапати околните куќи, нивните подрумски простории биле поплавувани (Општина Гази Баба);
Во 15.00 часот, пријава за поплавени дворови и подрумски простории на ул.„Драчевска“ во Драчево поради запушени одводни шахти (Општина Кисела Вода);
Во 17.50 часот, пријава за поплавени подрумски простории од станбена куќа на ул.„Ниџе Планина“ бр.19 во Драчево (Општина Кисела Вода).
Во Општина Чучер Сандево има пријави за неколку оштетени куќи и моторни возила во селата Блаце и Бродец како последица од поројните врнежи од дожд и град.
Сите овие пријави Регионалниот ЦУК Скопје, по комуникациската координација за помош во првиот момент на итните случаи, ги проследи до соодветните Единици за локална самоуправа – општините, за понатамошна постапка.
Регионалниот ЦУК Штип, известува дека во с.Уларци, Општина Чешиново – Облешво како последица од поројните врнежи, дошло до преполнување на каналите за наводнување. Атмосферската вода навлегла во веќе полните канали за наводнување што биле спремни за сеидба на ориз. Поплавени биле повеќе дворови и објекти. Комуналното претпријатие од Опшината Чешиново-Облешево работи на расчистување на тесните грла од каналите, при што на нивно барање најверојатно ќе добијат помош со градежна механизација од соседните општини.
И покрај локалните поројни дождови има еден пожар евидентиран на отворено. Конкретно, РЦУК – Велес, информира дека пожарникарите од ТППЕ Неготино од 13.30 до 15.00 часот, со 1ПП возило и 4 пожарникари интервенирале на запалена ниска вегетација над с.Војшанци.
ЦУК информира и за минирања во два реона, конкретно дека од 10:00 до 15:00 часот ќе извршат минирање во каменоломот Говрлево (Општина Сопиште), а од 12:00 до 16:00 часот, ќе изврши минирирање на автопатот A2 Кичево-Охрид.
Голема внимателност се препорачува при појавата на локалните кратки, но нагли метео промени, да се избегнува движење во засеци во природата, суводолици и многу блиску до речни корита, а и особена внимателност при грмежите и молњите, односно при силните електрични празнења: да не се престојува на отворен простор и под осамени дрвја. И секако да потсетиме за внимателно возење, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде што има можност од појава на помали одрони при вакви променливи метео услови. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Сите итни случаи се пријавуваат на Единствениот повикувачки број за итни случаи 112 во ЦУК, особено кога граѓаните имаат животозагрозувачки ситуации. Истовремено, ЦУК информира дека е потребно и е корисно да се следат препораките и информациите од медиумите за превенција, а и за реагирање при итни случаи.
ЦУК изразува благодарност до медиумите за брзото пренесување на предупредувањата за невремето, како и за превентивните работи, за други непогоди, а секако и за сите итни ситуации во нашата држава и за континуираната соработка во интерес на безбедноста и посигурното живеење на граѓаните, во случајот – од аспект на кризните и итни ситуации.