
Членовите на Управниот одбор на М-НАВ заработија кривична пријава поради сомнение за злоупотреба на службената положба и овластување, несовесно работење во службата и повреда на правата од работен однос, објави „Фокус“.
Според документите до кои дошол Фокус, пријавата се однесува на Владимир Ристески, Милан Кораќ и Фатмир Зимбери, кои како членови на Управниот одбор, на седница одржана на 19 февруари 2025 година, донеле одлуки со кои, според наводите, овозможиле незаконско унапредување на вработен во М-НАВ.
Станува збор за Сашо Славески, кој од работно место „обезбедувач на имот – Охрид“ бил распореден на позицијата „помошник за обука и координација“ во Одделението за воздухопловни информации (AIS), со важност од 1 март 2025 година.
Според кривичната пријава, со оваа одлука работникот бил унапреден на повисоко и подобро платено работно место, а неговата плата речиси се удвоила – од околу 50.000 на приближно 100.000 денари. До поднесувањето на пријавата, според пресметките, му биле исплатени околу 7.000 евра повеќе по основ на зголемената плата, износ што, според пријавителите, претставува штета за М-НАВ.
Во пријавата се наведува дека коефициентот за пресметка на платата бил зголемен од 1,2087 на 2,3177, без да бидат исполнети законските услови за такво унапредување.
Вработени во М-НАВ, кои реагираат на состојбата, тврдат дека за да се реализира унапредувањето била изменета систематизацијата на работните места и било создадено ново работно место без реална потреба и без соодветна анализа.
Дополнително, според нив, не бил распишан задолжителниот интерен оглас за унапредување, ниту пак било побарано одобрение од Министерството за финансии за обезбедување средства, што, како што велат, е законска обврска за акционерско друштво во државна сопственост.
Вработените предупредуваат дека ова не е изолиран случај и дека ваквите одлуки дополнително ја влошуваат финансиската состојба на М-НАВ, која, според нив, веќе се соочува со сериозни финансиски предизвици и задолжувања.

