Утрински Весник
Македонија

Човечкиот капитал – најголемото богатство што Македонија го губи

Trlinmiroslav.jpg

Пишува: Мирослав Трлин, дипломиран економист во пензија

Изјавата дека пензионерите треба да добијат можност повторно да се вклучат на пазарот на трудот отвори повеќе прашања отколку што понуди одговори. На прв поглед, станува збор за практичен предлог со кој би се помогнало во надминување на недостатокот на работна сила во одредени дејности. Но зад оваа иницијатива се крие многу подлабоко и поважно прашање: дали Македонија правилно ги препознава, користи и вреднува сопствените човечки ресурси?


Во јавната дебата вниманието најчесто се насочува кон бројот на невработените, висината на платите или потребите на одредени стопански сектори. Сепак, многу поретко се разговара за суштинското прашање – како државата управува со својот највреден ресурс. А тоа не се природните богатства, ниту инфраструктурата, ниту финансискиот капитал. Тоа се луѓето.

Во современата економија финансискиот капитал е неопходен, но не и доволен услов за создавање нова вредност. Претприемачот може да располага со сопствен капитал или да обезбеди кредит од банка. Може да изгради фабрика, да купи машини, деловни простории и најсовремена опрема. Но сето тоа останува само потенцијал доколку не постои човечки капитал што ќе го стави во функција.

Најдобар пример за тоа е еден современ патнички авион. Неговата вредност може да се мери во стотици милиони евра. Во него е вградена најсовремена технологија и огромен финансиски капитал. Но ако не постојат обучени пилоти, инженери, механичари, техничари и останат стручен персонал што ќе го управува и одржува, авионот никогаш нема да полета. Инвестицијата постои, но не ја исполнува својата функција.

Истото важи и за секоја фабрика, болница, училиште, енергетски капацитет или институција. Финансискиот капитал може да се позајми или инвестира, но човечкиот капитал мора да се создава со години преку образование, обука, работно искуство и континуиран професионален развој. Токму затоа човечкиот капитал е оној што им дава смисла и функција на сите други облици на капитал.

Македонија не располага со огромни природни богатства ниту со голем домашен пазар. Она што отсекогаш го имала како своја најголема развојна шанса се луѓето – нивното знаење, работливост, претприемачки дух и способност да создаваат вредност. Затоа е оправдано да се постави прашањето дали државата доволно го цени и штити овој ресурс.

Доколку навистина се соочуваме со недостиг на работна сила, тогаш мора да се запрашаме како дојдовме до таа состојба. Дали навистина немаме луѓе или не сме создале услови тие да останат, да се развиваат и да ја градат својата иднина токму тука?

Со децении образовниот систем создава кадри кои државата и општеството ги финансираат и поддржуваат. Но голем дел од нив својата професионална иднина ја бараат надвор од Македонија. Парадоксално, истите тие луѓе кои дома често не можат да обезбедат соодветно вреднување на својот труд, знаење и способности, успешно се интегрираат во економиите на развиените европски држави. Тоа отвора едно непријатно, но неопходно прашање: дали проблемот е во квалитетот на нашите кадри или во системот што не успева да ги препознае и задржи?

Во исто време, со години јавниот сектор беше најпосакуваното место за вработување. Сигурноста на работното место често имаше поголема тежина од продуктивноста, иновативноста и создавањето нова вредност. Таквиот модел создаде дисбаланс во кој реалниот сектор, кој всушност го создава најголемиот дел од бруто-домашниот производ и ги обезбедува приходите за буџетот, се соочува со сè поголеми тешкотии да обезбеди квалификуван кадар.

Недостигот на работна сила затоа не може да се објасни само со демографските движења. Тој е и последица на долгогодишно недоволно вреднување на човечкиот капитал. Кога знаењето, одговорноста, стручноста и трудот не се наградени соодветно, луѓето природно бараат средина во која нивниот придонес ќе биде повеќе ценет.

Во тие околности, предлогот за ангажирање на пензионери може да биде корисна дополнителна можност, но не смее да се претвори во замена за системските решенија. Пензионерите треба да имаат право да работат ако тоа го сакаат и ако нивното искуство е потребно. Нивното знаење и професионално искуство можат да бидат значаен ресурс преку менторство, обука и советодавна работа.

Но секое општество што долгорочно се потпира на пензионерите за пополнување на недостатоците на редовната работна сила мора да се запраша зошто не успева да ги задржи генерациите што треба да бидат носители на економскиот развој.

Вистинското решение не лежи во ад хок мерки, туку во создавање систем што ќе овозможи трудот, знаењето и одговорноста реално да се вреднуваат. Само така младите луѓе ќе имаат причина да останат, а иселените да размислуваат за враќање.

Бидејќи секој човек што ја напушта државата не е само статистички податок. Тој е дел од идниот бруто-домашен производ, дел од идните даночни приходи, дел од идните придонеси и дел од потенцијалот за економски и општествен развој.

Затоа прашањето за човечкиот капитал не е само прашање на пазарот на трудот. Тоа е прашање за иднината на државата.  Финансискиот капитал може да се позајми. Зградите можат да се изградат. Машините можат да се купат. Но човечкиот капитал се создава со децении и се губи многу побрзо отколку што се создава.

Оттука и најважното прашање што Македонија треба да си го постави не е дали ќе вработува повеќе пензионери, туку  дали конечно ќе научи да го препознава, користи и вреднува своето најголемо богатство – своите граѓани, не само како човечки ресурс, туку и како луѓе од кои зависи иднината на државата.“

Ставовите искажани во „Колумни“ се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на „24инфо“. Одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Можете да прочитате

Возило запалено во Маџари, го запалило лице со фантомка

Левица: Додека заменик директорот на „Македонски шуми” слави роденден на ДПМНЕ, шумската мафија ја пустоши и Јабланица

ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ денеска на разговори за владината реконструкција