
Бугарското Народно собрание, по бурна расправа, денеска ја избра новата влада предводена од премиерот Румен Радев, предложена од партијата Прогресивна Бугарија.

Пратениците првин го избраа Радев за претседател на Владата. За неговиот избор гласаа 124 пратеници од Прогресивна Бугарија, пратениците од ГЕРБ – СДС беа воздржани, а ДПС, Демократска Бугарија, Продолжуваме со промените и Преродба гласаа против. Вкупно гласаа 230 пратеници.
Во втората точка од дневниот ред пратениците ја усвоија структурата на Министерскиот совет. За неа гласаа 124 пратеници од Прогресивна Бугарија, против беа 70 пратеници од ДПС, Демократска Бугарија, Продолжуваме со промените и Преродба, а 36 пратеници од ГЕРБ – СДС беа воздржани. Потоа беше усвоен и персоналниот состав на владата, со поддршка од 122 пратеници од Прогресивна Бугарија, 70 гласаа против, а 36 беа воздржани.
По гласањето, новите министри положија свечена заклетва.
„Се колнам во името на Република Бугарија дека ќе ги почитувам Уставот и законите на државата и во сите свои дејства ќе се водам од интересите на народот. Се заколнав“, изјавија членовите на новата влада по што беа интонирани химните на Бугарија и на Европската Унија.
Министерскиот совет ќе има 18 министри и четворица вицепремиери. Двајца од нив – Иво Христов и Атанас Пеканов – ќе бидат вицепремиери без ресор. Министерот за финансии Галаб Донев и министерот за економија, инвестиции и индустрија, Александар Пулев, исто така ќе ја извршуваат функцијата вицепремиери.
Во 107. влада на Бугарија ќе има едно министерство помалку во споредба со досегашната владина структура бидејќи Министерството за електронско управување се спојува со Министерството за иновации и раст. Според образложението, реформата има цел оптимизација на работата на владата и намалување на администрацијата со преклопувачки надлежности.
Во обраќањето пред гласањето Радев оцени дека високиот одѕив на изборите ја вратил неопходната легитимност на Народното собрание и овозможила парламентот да работи оперативно и ефикасно.
– Првпат по многу години избравме претседател на парламентот бргу и без вообичаени скандали. Бугарските граѓани очекуваат овој конструктивен дух да продолжи и парламентот да не произведува нови скандали – изјави Радев.
Тој нагласи дека владата се соочува со сериозни предизвици, меѓу кои растечките цени, недостигот од реформи, буџетските проблеми, глобалната економска и енергетска криза и ескалацијата на меѓународните конфликти. Според него, приоритетни задачи ќе бидат усвојувањето на буџетот, обезбедувањето на исплатите од планот за закрепнување и отпорност, како и изборот на нов Висок судски совет и Инспекторатот кон него.
Радев истакна дека неговата влада ќе смета на „конструктивната опозиција“, нејзиното искуство, критики и алтернативни предлози. Тој оцени и дека квалитетот на законодавството во последните девет години е нарушен поради преголем број законски предлози што го одвлекуваат вниманието од суштинските теми.
– Да направиме така што квалитетот на законодавната дејност ќе има предност пред квантитетот – порача Радев.
Тој најави дека уште в понеделник ќе бидат поднесени предлози за законски измени поврзани со растот на цените, како и измени во Законот за судската власт. Во однос на средствата од планот за закрепнување и отпорност, Радев рече дека Прогресивна Бугарија ќе ги користи веќе поднесените предлози, а таму каде што има резерви, ќе предлага измени.
Говорејќи за буџетот, тој рече дека целта на Прогресивна Бугарија е намалување на дефицитот, без зголемување на даноците.
– Ќе направиме анализа на финансиската состојба на државата и на скриениот дефицит, анализа на можностите за запирање на финансиските одливи и оптимизација, а потоа ќе кажеме колкав и каков долг ќе преземеме – изјави Радев.
Во составот на новата влада, покрај Радев, влегуваат и Иван Демерџиев како министер за внатрешни работи, Димитар Стојанов за одбрана, Велислава Петрова-Чамова за надворешни работи, Николај Надејнов за правда, Иван Василев за иновации и дигитална трансформација, Ива Петрова за енергетика, Георги Пеев за транспорт и врски, Иван Шишков за регионален развој, Росица Карамфилова за животна средина, Пламен Абровски за земјоделство, Наталија Ефремова за труд и социјална политика, Катја Ивкова за здравство, проф. Георги Волчев за образование, Евтим Милошев за култура, Илин Димитров за туризам и Енчо Кирјазов за млади и спорт.


