
Големиот пожар што попладнево избувна над Штип и се движеше кон централното градско подрачје е ставен под контрола, благодарение на брзата интервенција на Територијалната противпожарна единица (ТППЕ) и доброволците кои со часови се бореа со огнената стихија.
Според локалните власти, со навремената реакција е спречено пожарот да се прошири кон куќите и викендичките, со што е избегната поголема материјална штета.
Огнот избувнал во доцните попладневни часови во близина на населбата Плуждино, а поради ветерот и сувата вегетација брзо се проширил кон населбата Кадидере, која се наоѓа во непосредна близина на централното градско подрачје.
Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов, изјави дека од самиот почеток сите расположливи противпожарни сили биле насочени кон најкритичните точки со цел да се заштитат домовите и имотите на граѓаните.
„Наскоро ќе можеме прецизно да ја утврдиме штетата и површината што е зафатена од пожарот. Во овој момент најважно беше да не дозволиме огнот да стигне до куќите и викендичките. Поради тоа, пожарникарите беа распоредени на одбранбен појас меѓу пожарот и населените места. Огнот се движеше од Плуждино кон Кадидере, но успеавме да го запреме на тој потег“, изјави Јорданов.
Во гаснењето активно учествуваа и членовите на Доброволното противпожарно друштво Штип, кои веднаш по повикот се приклучиле на интервенцијата.
Претставникот на ДПД Штип, Зоран Младеновски, изјави дека состојбата на теренот во еден момент била исклучително сериозна, но благодарение на координираната акција пожарот е ставен под контрола.
„Беше навистина драматично, огнот се ширеше со голема брзина. Веднаш по повикот се собравме во противпожарната станица, се екипиравме за само десет минути и излеговме на терен. Сега состојбата е стабилизирана и очекуваме пожарот целосно да биде локализиран до крајот на вечерта“, рече Младеновски.
И покрај тоа што пожарот е ставен под контрола, на терен остануваат дежурни противпожарни екипи и доброволци кои во текот на ноќта ќе ја следат состојбата, со цел да се спречи евентуално повторно разгорување на огнот поради ветерот или скриени жаришта.


